МИНИСТЕРКАТА ЈА НЕМАШЕ ВО СОБРАНИЕ Опозицијата обвини за „бегство“ од одговори за народните пари
СДСМ предупредува на исцрпена фискална состојба и нов товар врз граѓаните, додека Владата уверува дека буџетот останува стабилен.

Собранието денеска со 65 гласа „за“ и 14 „против“ го усвои Законот за задолжување за општи буџетски потреби, со кој државата ќе земе заем од 260 милиони евра од пет странски банки. Средствата, според Министерството за финансии, ќе бидат наменети за финансирање капитални инфраструктурни проекти, одржување на буџетската ликвидност и отплата на постојни долгови, меѓу кои и еврообврзницата од 700 милиони евра издадена во 2020 година.
Заемот ќе биде со варијабилна каматна стапка, пресметана врз основа на шестмесечниот ЕУРИБОР зголемен за 2,1 процент, со рок на отплата од седум години и тригодишен грејс-период. Државата ќе плати и еднократна провизија од 1,4 проценти од вкупниот износ, како и годишна провизија од 12.500 евра за агентот на заемодавачите.
Новото задолжување предизвика остри реакции од опозицискиот СДСМ, кој оцени дека станува збор за доказ за, како што велат, исцрпена фискална состојба и буџет што сè потешко ја одржува ликвидноста. Пратеникот Фатмир Битиќи обвини дека зад оптимистичката реторика на Владата се крие сериозна финансиска нестабилност, посочувајќи дека Владата првично барала 300 милиони евра, а успеала да обезбеди 260 милиони.
Битиќи отвори и прашање дали Владата подготвува ново задолжување од околу 350 милиони евра за сервисирање на преостанатиот дел од еврообврзницата што доспева во јуни 2026 година. Според него, тоа би значело нов товар врз грбот на граѓаните.
Пратеникот Митко Трајчулески ја критикуваше министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска поради нејзиното отсуство од собраниската седница, оценувајќи дека токму таа требало лично да го образложи новото задолжување пред јавноста и пратениците. Од ВМРО-ДПМНЕ одговорија дека министерката била на претходно планирано службено патување во Словенија.
Од владејачката партија возвратија дека СДСМ нема кредибилитет да зборува за јавниот долг, тврдејќи дека токму претходната власт ја задолжила државата со милијарди евра без реални капитални проекти. Според ВМРО-ДПМНЕ, актуелниот заем е обезбеден под најповолни услови на пазарот и е неопходен за стабилно функционирање на буџетот и сервисирање на старите обврски.
