ТРАВОЛТА НЕОЧЕКУВАНО – На 72 години дебитира како режисер во Кан
Филмот носи емотивна приказна инспирирана од животот на Џон Траволта и неговото семејство

Американската филмска ѕвезда Џон Траволта ќе го претстави своето прво режисерско остварување на престижниот Кански филмски фестивал во мај, соопштија организаторите.
Станува збор за филмот „Ноќен лет до Лос Анџелес“, инспириран од неговата книга од 1997 година, која носи топла и бајковита приказна за осумгодишно момче што за првпат патува со авион, придружувајќи ја својата мајка актерка на пат кон Холивуд. Патувањето низ Америка е исполнето со необични средби, авантури и шармантни ликови, под будното око на стјуардесите и една од нив ја игра неговата ќерка, Ела Блу Траволта.
Филмот ќе биде достапен за гледање од 29 мај на платформата Apple TV.
Траволта, кој светската слава ја стекна со култната улога на Винс Вега во Пеколните работи и добитник на Златна палма во Кан има длабока лична врска со авијацијата. Роден близу аеродромот Ла Гвардија во Њујорк, тој е лиценциран пилот уште од својата 22-ра година.
Неговата оригинална приказна „Propeller One-Way Night Coach“ била напишана за неговиот син Џет, кој почина во 2009 година, што му дава дополнителна емотивна тежина на проектот.
Инаку, Траволта е добро познато лице на Канскиот фестивал, каде учествувал повеќепати, меѓу кои и со „Пеколните работи“, „Таа е толку убава“ и „Претседателски бои“.
Својата холивудска доминација ја започна кон крајот на 1970-тите со улогата во Треска во саботна вечер, а успехот го зацврсти со мјузиклот Брилијантен. Во 1990-тите повторно се издигна како една од најголемите поп-културни икони со низа хитови и награди.
Со ова режисерско деби, Траволта отвора ново поглавје во својата богата кариера, носејќи лична и носталгична приказна на големото платно.
