ДИРЕКТОРОТ ОТКРИВА – Оштетувања кои можеша да предизвикаат катастрофа
Сите настани во Центарот за култура се одложени додека трае санацијата.

Плафонските панели во Големата сала на Центарот за култура во Битола попуштиле, но штетата беше забележана навреме и отстранета пред да предизвика повреда или да падне врз столчињата за публика.
Директорот на Центарот, Сашо Илковски, кој е на функцијата осум месеци, појаснува дека панелите биле зашрафени со шајчиња од 40 милиметри на внатрешната дрвена конструкција.
„Прво отстранивме десетина иверици од внатрешноста. Од вчера започнавме истражување кои компании можат да го санираат плафонот, а санацијата ќе започне денес или утре“, изјави Илковски.
Од колегите дознал дека во изминатите години вакви проблеми се појавувале на два други места од плафонот и биле успешно санирани. Сега, од безбедносни причини, ќе биде зашрафен и преостанатиот дел од таванот. Директорот додава дека на покривот нема прокапувања.
Во меѓувреме, сите настани во Центарот за култура се одложени.
Илковски истакнува дека од неговото доаѓање, заедно со директорот на Народниот театар Битола, Васко Мавровски, биле реализирани неколку значајни поправки: хидрантската мрежа, која не функционирала 7-8 години, сега е целосно исправна; металната завеса во салата е проработена; поранешната кафеана за свадби е исчистена и претворена во нова сцена за Фестивалот на монодрама кој започнува на 23 април.
Дополнително, по забелешка од инспектор на Дирекцијата за заштита и спасување, биле изработени елаборати за нисконапонската и громобранската мрежа на објектот.
