НОВО ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ПЕНЗИИТЕ – Важи од 1 март 2026
Четврто зголемување во две години од 7.000 денари ја подобрува економската состојба на над 320.000 пензионери.

Собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади го проследи Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување на натамошна постапка во Собранието. Со овие измени, по скратена постапка, се предлага зголемување на сите пензии за 1.000 денари, со ефект од 1 март 2026 година.
Пратеничката Ангелинка Петкова од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека ова е четврто зголемување на пензиите во последните две години, при што пензионерите веќе добиле вкупно 7.000 денари.
„Со овие законски измени, сите пензионери кои го оствариле правото на пензија до 28 февруари 2026 година ќе добијат дополнителни 1.000 денари. На овој начин Владата ја оствари својата стратешка цел за подобрување на стандардот на пензионерите, а над 320.000 пензионери ќе ја почувствуваат целокупната придобивка од досегашните зголемувања“, рече Петкова.
Пратеничката Имрлије Салиу-Фетаи од движењето БЕСА нагласи дека новото законско решение дополнително го подобрува стандардот на пензионерите:
„Со овие законски измени ги реализиравме ветувањата за вкупно зголемување на пензиите од 7.000 денари. Претходните фази донесоа по два зголемувања од по 2.500 денари, а сега следува второ линеарно зголемување од 1.000 денари за сите категории на пензионери. Ова е значајно за пензионерите и ќе придонесе за намалување на сиромаштијата“, нагласи Салиу-Фетаи.


