ИЗВРШИТЕЛИТЕ РУШАТ РЕКОРДИ – Наплатиле досега 2,22 милијарди евра
Товарот на долговите сè повеќе паѓа врз граѓаните, кои првпат за една година надминале 50 милиони евра

Во 2025 година извршителите во Македонија преку присилна наплата реализирале над 137 милиони евра, покажува најновиот извештај за нивната работа. Вкупно биле наплатени 137.368.058 евра, што претставува околу 43,6% од поднесените барања за извршување.
Иако износот е значителен, тој е за околу 23,3 милиони евра помал во споредба со 2024 година, кога наплатата била повисока. Податоците покажуваат дека товарот на наплатата сè повеќе паѓа врз граѓаните.
Најголем дел од средствата во 2025 година биле наплатени од компании, околу 63,4 милиони евра. Граѓаните-должници првпат надминале 50 милиони евра, со присилно наплатени 50,8 милиони евра, што претставува рекорден износ. Од државните институции биле наплатени околу 24,8 милиони евра.
Споредбено со претходната година, наплатата од граѓаните се зголемила за речиси четири милиони евра, додека кај компаниите и државата има намалување на присилно наплатените износи.
Компаниите се најголеми должници, но и најголеми доверители. Преку извршители во 2025 година тие успеале да наплатат над 105 милиони евра. Граѓаните, кога се доверители, наплатиле над 31 милион евра, а државата прибавила нешто помалку од 2,5 милиони евра.
Од воведувањето на системот за извршување до крајот на 2025 година, преку извршители во Македонија се присилно наплатени повеќе од 2,22 милијарди евра од граѓани, компании и државни институции.
Овие податоци ја отвораат повторно дебатата за улогата на извршителите, како и за потребата од рамнотежа меѓу ефикасната наплата на долговите и заштитата на должниците.


