АТЕНТАТ ВРЗ ГЛИГОРОВ – ЦИА пишувала дека вмровци се атентатори

Мотивот наовдно бил потенцијална политичка нестабилност и ризик за преговорите со Грција.

АТЕНТАТ ВРЗ ГЛИГОРОВ – ЦИА пишувала дека вмровци се атентатори
Фото: Принтскрин

Според декласифицирани документи на американската ЦИА, можен мотив за атентатот врз претседателот Киро Глигоров на 3 октомври 1995 година бил предизвикување нови претседателски избори и запирање на преговорите со Грција, со цел одредена партија да води „антигрчка“ кампања.

Во документите се наведува дека ВМРО‑ДПМНЕ била меѓу организациите за кои постоеле првични индикации дека можеби стојат зад обидот за атентат. Првичните докази сугерираат дека радикална националистичка група поврзана со партијата можела да има за цел да ја принуди владата да распише нови претседателски избори и да ги стопира преговорите со Грција до нивното завршување. Истражувањето, истовремено, не открило никаква вмешаност на радикални етнички албански групи во нападот.

Други документи посочуваат дека двајца членови на мала радикална група во рамките на ВМРО‑ДПМНЕ биле меѓу главните осомничени, иако самата партија јавно го осудила нападот.

Агенцијата ја анализирала и здравствената состојба на Глигоров по нападот: тој бил хоспитализиран во државната болница во Скопје, опериран за отстранување на шрапнели и фрагменти од коска, со проценета шанса за преживување од 70‑75 отсто, при што закрепнувањето можело да трае со недели или месеци.

ЦИА ги разгледала и другите можни актери со мотив за нападот, меѓу кои радикални етнички албански групи, српски националисти и други политички субјекти, но веројатноста за нивна вмешаност се сметала за помала.

Американската анализа предупредувала дека доколку Глигоров не се врати на функцијата, Македонија може да се соочи со политичка нестабилност, што би можело да ги забави договорите со Грција и да ги зголеми етничките тензии во земјата.

CATEGORIES
Share This