КОНТРОЛИТЕ ПРОДОЛЖУВААТ – Лиценците за марихуана ќе им се одземат на уште три компании
Обвинителството отвори истрага за шверц на пет тони марихуана преку „Табановце“

Министерот за здравство, Азир Алиу, денеска информира дека по одземањето на лиценците за одгледување марихуана на шест компании, во наредниот период лиценците ќе им бидат одземени и на дополнително три фирми, додека за четвртата се уште се врши анализа.
„Досега 23 компании се процесирани, три се сигурни дека ќе ги изгубат лиценците, а четвртата е во тек на анализа“, изјави Алиу.
Претходно, на 24 февруари, министерот Алиу информираше дека лиценците им се одземени на шест компании, од кои четири биле вмешани во скандал со шверц на марихуана.
„Недостатоците се различни, од административни, инфраструктурни и технолошки, до недостаток на човечки капацитети. Во некои компании внатрешниот систем за следење и камерите не функционираат, дел немаат доволно обучен персонал, а дел немаат обезбедување. Засилените вонредни контроли ќе опфатат вкупно 43 правни лица“, изјави Алиу на 24 февруари.
Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција отвори истрага за шест лица поврзани со пет тони марихуана пронајдени во Коњух, кои биле префрлени од Македонија преку граничниот премин „Табановце“. Првоосомничен е ко-сопственикот на скопската фирма „Алфафарм“.


