Раководството на СДСМ најавува нов чекор во борбата против корупцијата, кој би требало да ја подигне оваа тема на повисоко, регионално ниво.
Претседателот на партијата, Венко Филипче, на партиски собир во Струмица изјави дека за крајот на мај или почетокот на јули се планира меѓународна средба со сестрински партии од регионот. Целта, како што рече, е формирање заеднички европски фронт за борба против корупцијата.
Иницијативата, која ја нарече „Скопска иницијатива“, според него ќе има поддршка и од дел од европските социјалдемократски партии.
Филипче најави и организирање програмски конгрес на СДСМ, на кој ќе биде претставена новата партиска програма за следниот период. Тој рече дека партијата ќе излезе со конкретна понуда пред граѓаните, истовремено упатувајќи критики кон актуелните политики на власта.
„На програмскиот конгрес ќе ја претставиме нашата нова програма и ќе излеземе пред граѓаните со конкретна понуда, зашто политиките што ги спроведува оваа власт се само изговори“, изјави Филипче.