8 МАРТ – Симбол на борбата за еднаквост и правата на жените
Меѓународниот ден на жената се одбележува низ целиот свет како потсетник на долгата борба за економска, политичка и социјална рамноправност меѓу жените и мажите.

Меѓународниот ден на жената, 8 Март, денес се одбележува во целиот свет како симбол на борбата за правата на жените и нивната рамноправност во општеството. Овој ден потсетува на долгогодишната борба за економска, политичка и социјална еднаквост, која започнала уште во средината на 19 век.
Празникот е поврзан со протестите на американските работнички од текстилната и конфекциската индустрија во 1857 година, кога тие излегоа на улиците барајќи подобри услови за работа. Неколку децении подоцна, во 1908 година, повеќе од 15.000 жени маршираа во Њујорк, барајќи пократко работно време, повисоки плати и право на глас.
Идејата за официјално одбележување на Денот на жената била предложена во 1910 година на Втората меѓународна конференција на жените социјалисти во Копенхаген, по иницијатива на германската активистка Клара Цеткин, една од водечките фигури на женското работничко движење во тоа време.
Првото одбележување на празникот се одржало во 1911 година во Австрија, Германија, Швајцарија и Данска, кога повеќе од еден милион жени и мажи учествувале на собири со барања за право на глас, можност за извршување јавни функции, како и право на работа и стручно образование за жените.
Во следните години, сè до почетокот на Првата светска војна, во многу европски градови се организирале демонстрации на жени работнички. Главното барање било воведување на универзално право на глас за жените во европските земји.
Идејата на овој празник е да поттикне елиминирање на дискриминацијата врз жените, како во теоријата така и во праксата, но и да ги повика институциите да водат политики што ќе ги земаат предвид потребите и правата на жените.
Обединетите нации во 1975 година официјално го прогласија 8 март за Меѓународен ден на жената. Денес тој претставува можност да се прослават достигнувањата на жените во општеството, политиката и економијата, но и да се потсети дека борбата за целосна еднаквост сè уште продолжува.


