СЕКОЈА ЖЕНА ИМА СВОЈА ПРИКАЗНА – Отворен женски книжевен настан во ТЦ Лептокарија
Опуштена книжевна дружба посветена на славење на женскиот глас во литературата.

По повод Меѓународниот ден на жената, издавачката куќа „Сакам книги“ денеска со почеток во 12 часот организира отворен женски книжевен настан на платото пред книжарницата „Сакам книги“ во ТЦ Лептокарија. Настанот има за цел да ги обедини читателите во разговор за женските ликови од книгите и за авторките кои оставиле силен впечаток врз нив.
Под мотото „Секоја жена има своја приказна“, учесниците ќе разговараат за инспиративните женски карактери во литературата, за авторките кои создаваат книжевни светови, како и за уредничките и преведувачките кои ги приближуваат тие дела до читателите.
Разговорот ќе го води Александра Тодоровиќ заедно со авторката Ксенија Николова, а настанот е замислен како интерактивна дискусија во која и публиката ќе има можност активно да се вклучи и да ги сподели своите книжевни инспирации.
Од „Сакам книги“ посочуваат дека настанот е замислен како опуштена, но суштинска книжевна дружба и простор за отворен дијалог, размена на искуства и славење на женскиот глас во литературата.
За сите посетители ќе биде обезбеден и дополнителен попуст на книгите, кој ќе важи само за време на одржувањето на настанот. Повеќе информации може да се најдат на фејсбук-страницата на „Сакам книги“.


