РАБОТНИЦИ НА БЕХТЕЛ И ЕНКА ПРОТЕСТИРААТ – Отпуштени сме без најава

Работниците тврдат дека добиле отказ без отказен рок и покрај важечки договори, додека од Министерството велат дека сите обврски кон изведувачот се исплатени.

РАБОТНИЦИ НА БЕХТЕЛ И ЕНКА ПРОТЕСТИРААТ – Отпуштени сме без најава
Фото: Национал

Повеќе работници ангажирани од компанијата „Бехтел и Енка“ утрово протестираа пред влезот на кампот во близина на автопатот Тетово-Гостивар, откако, како што велат, биле отпуштени од работа без претходна најава, и покрај тоа што имаат важечки договори.

Според нив, како причина за отказите им било кажано дека државата не префрлила средства за проектот на кој работат. Тие бараат да бидат прогласени за технолошки вишок, за да можат да остварат социјални права.

Еден од работниците изјави дека биле известени само еден ден претходно дека има „вишок на работници“, по што била составена листа на лица кои треба да бидат отпуштени.

„Еден ден претходно нè известуваат дека има вишок работници и доаѓа листа да нè избркаат од работа, само тие од Македонија. Индиските работници останаа, а ние сме избркани. Во договорот пишува дека треба да нè известат 30 дена однапред за да можеме да најдеме друга работа. Останавме на улица и не знаеме што ќе правиме. Ни рекоа дека владата не пушта пари. Бараме да нè прогласат за технолошки вишок и додека трае договорот да ни се исплаќа барем минимална плата. Јас имам договор до 17 јуни 2026 година“, изјави еден од вработените.

Друг работник потврди дека утрово на влезот во кампот им било соопштено дека ќе бидат отпуштени.

„Ни кажаа дека државата нема пуштено пари и затоа нè отпуштаат. Ова е прва тура, околу 40 до 50 работници. Без никаква најава и ниту две недели, ниту месец однапред. Дојдовме на работа и ни рекоа да потпишеме документи и дека со тоа завршува нашата работа“, рече тој.

Од компанијата најавија дека одговор на овие тврдења ќе достават во текот на денот.

Во меѓувреме, од Министерството за транспорт и врски соопштија дека сите финансиски обврски кон изведувачот за проектот се навремено и целосно исплатени.

„Во однос на изградбата на автопатските делници на Коридорите 8 и 10-д, ве информираме дека до овој момент сите финансиски ситуации (фактури) за извршени работи се навремено и целосно исплатени кон изведувачот од страна на Владата, велат од Министерството.

Од таму додаваат дека ангажирањето работници, подизведувачи, машини и друга опрема е договорна обврска на изведувачот „Бехтел и Енка“, а не на Владата, Министерството за транспорт или Јавното претпријатие за државни патишта.

Според институцијата, засега не се очекуваат проблеми во реализацијата на проектот, бидејќи договорот предвидува рокови за изградба, а динамиката на работите останува непроменета.

CATEGORIES
Share This