НОВ КАМПУС НА УНИВЕРЗИТЕТОТ МАЈКА ТЕРЕЗА – Спортска сала, базен и библиотека
Камен-темелникот за новиот универзитетски кампус ќе биде поставен на 7 март, а изградбата треба да заврши за четири години.

Во тек се подготовките на теренот за денеска, 7 март, да биде поставен камен-темелникот за изградба на новиот универзитетски комплекс.
Ректорот Беким Фетаји информира дека изградбата е планирано да заврши во рок од четири години. Според него, дел од постојните објекти ќе бидат урнати, а на нивно место ќе се изградат нови згради во рамки на модерниот кампус.
„Универзитетот значително напредуваше и сега со новиот кампус, кој ќе се гради на површина од 22 илјади квадратни метри, ќе добиеме комплекс со вкупна проектна површина од околу 95.102 квадратни метри. Ќе има повеќе објекти, некои до пет ката, а некои пониски“, изјави Фетаји.
Според најавите, новиот кампус ќе има капацитет за околу 10 илјади студенти и се очекува да биде еден од поистакнатите универзитетски комплекси во државата, како по својот изглед така и по академската понуда.
Фетаји посочи дека проектот е на Владата и бил одобрен на 3 септември 2024 година, со буџет од 34,5 милиони евра. Средствата ќе се исплаќаат во шест фази, во зависност од динамиката на градежните работи што ќе ги реализира компанијата која ќе победи на тендерот.
Универзитетот „Мајка Тереза“ е основан во 2016 година. Во почетокот функционираше во објектот на Сојузот на синдикати, додека дел од факултетите беа сместени во просториите на основното училиште ОУ „Конгресот на Битола“.


