СЕКОЈ ТРЕТ ВОЗРАСЕН СО ДЕБЕЛИНА – Здравствена бомба што тивко експлодира
Експертите предупредуваат дека дебелината е хронична болест што ги зголемува ризиците за срцеви, мозочни, онколошки и метаболни заболувања.

Дебелината не е прашање на естетика, туку хронична, мултифакторијална болест што значително ги зголемува ризиците за најтешките заболувања со кои секојдневно се соочува медицината. Ова денеска го истакна проф. д-р Ирфан Ахмети, ендокринолог и претседател на научното здружение за обезност ОБЕМ, на почетокот на едукативната кампања „Круг на поддршка за тежината да стане полесна“, по повод 4 Март, Светскиот ден на дебелината.
Ахмети оцени дека состојбата во земјава е сериозна и предупреди дека дебелината е директно поврзана со кардиоваскуларни, невролошки, онколошки, ендокринолошки и репродуктивни заболувања.
Според податоците од Светски атлас на дебелина, околу 30 проценти од возрасната популација живее со дебелина, а речиси 65 отсто имаат висок индекс на телесна тежина. Проекциите покажуваат дека до 2030 година над 920 илјади лица во земјата би можеле да бидат засегнати од прекумерна тежина.
Загрижувачка е и состојбата кај децата и младите. Податоците од Глобален атлас за детска обезност укажуваат на висок ризик-индекс од 7 од 11, а проценките се дека до 2030 година дебелината кај деца од 5 до 19 години може да достигне 52,5 проценти.
Проф. Ахмети нагласи дека научните докази се конзистентни: дебелината е поврзана со околу 1,8 пати поголем ризик од коронарна срцева болест, речиси 1,6 пати поголем ризик од исхемичен мозочен удар, додека ризикот за дијабетес тип 2 е дури седумпати поголем. Дополнително, според глобалните експертски анализи, дебелината е причински поврзана со најмалку 13 вида карцином.
Освен тоа, таа носи и широка мрежа на компликации, замастен црн дроб кај три од четири лица со дебелина, апнеја при спиење, значително зголемен ризик за остеоартритис, бубрежна слабост и венски тромбоемболизам.
Ахмети посочи дека еден од најголемите проблеми е што дебелината често не се евидентира како основна дијагноза.
„Во клиничката пракса ги лекуваме последиците, срцев удар, дијабетес, мозочен удар, но дебелината останува надвор од листата. Ако не ја препознаеме и не ја измериме, не можеме ниту да планираме. Затоа упатувам јасен апел до колегите да ја користат дијагнозата Е66 кога критериумите се исполнети“ – порача Ахмети.
Тој потсети дека во јавното здравство функционираат девет центри за обезност, каде што пациентите можат да добијат мултидисциплинарна грижа – од матични лекари и специјалисти, до нутриционисти и психолози.
„Нема брзи решенија. Третманот мора да започне со одржливи промени во животниот стил, а фармакотерапијата да се користи само кога е индицирана и според протокол“ – нагласи Ахмети.
Кампањата „Круг на поддршка – за тежината да стане полесна“ е поддржана од Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување и Канцеларијата на Светска здравствена организација.
Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, порача дека без промена на животните навики – здрава исхрана, физичка активност и намалување на алкохол и цигари ниту еден здравствен систем нема да биде одржлив. Тој најави и можност за дополнителен данок на засладени пијалаци, како и построги правила за исхраната во училиштата.
Поддршка на кампањата даде и шефот на Канцеларијата на СЗО, Аким Али, истакнувајќи дека дебелината е еден од клучните јавно-здравствени предизвици на 21 век.
Кампањата има за цел да ја направи „тежината полесна“ не како слоган, туку како мерлив здравствен резултат, со најголем бенефит за лицата што живеат со дебелина.


