НОВ ИЗВЕШТАЈ ЗА МАКЕДОНИЈА ВО ЕП – Блокада поради уставни измени и билатерални спорови
Во услови на војната во Украина и неизвесноста околу трансатлантската алијанса, Европа треба да остане обединета.

Европратеникот Томас Вајц, известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, денеска пред Комитетот за надворешни работи на ЕП (АФЕТ) го претстави годишниот нацрт-извештај за напредокот на земјата.
Во нацрт-извештајот, Вајц нагласува дека за евроинтеграцијата е од клучно значење сите политички актери, особено Владата, да покажат опипливи резултати во клучните области, а ЕУ и нејзините држави членки мора да ја поддржат земјата преку активен дипломатски ангажман, за да ѝ помогнат да ги исполнува своите обврски.
Овој документ е втор извештај за Северна Македонија од 2022 година и има за цел да обезбеди балансирана и објективна оценка на напредокот во процесот на пристапување, согласно практиката и пакетот за проширување на ЕК за 2025 година.
Вајц посочува дека процесот на пристапување е сопрен, а напредокот во реформите, особено во владеењето на правото, реформите во правосудството и борбата против корупцијата, е недоволен. Причини за тоа се изборната кампања, ограничените капацитети во јавната администрација и недостигот на долгорочна политичка посветеност.
Особено е нагласено дека уставните измени не се реализирани поради потенцијални билатерални блокади и барања од Бугарија, и дека е потребно итно зголемување на политичката волја од двете страни за надминување на ќор-сокакот.
Во геополитичкиот контекст, со војната на Русија против Украина и неизвесноста околу иднината на трансатлантската алијанса, Европа треба да остане обединета, а процесот на пристапување може да добие нова динамика, но останува заснован на заслуги и напредок во фундаменталните области. Вајц го истакнува значењето на функционално владеење на правото и предвидлива инвестициска клима за одржлив економски развој и благосостојба на граѓаните.
Во нацрт-извештајот се наведува дека Северна Македонија и нејзините граѓани покажуваат посветеност кон членството во ЕУ, но е потребно обновување на политичката посветеност, уставни измени, конструктивна меѓупартиска соработка и ефективен парламентарен надзор на реформите.
Во медиумите и граѓанското општество се нагласува потребата за поголема слобода и независност на медиумите, борба против дезинформации и активно вклучување на граѓаните во реформите. Во делот за основни права се препорачуваат подобрувања во родовата еднаквост, правата на немнозинските заедници, лицата со попреченост и ЛГТБ-заедницата.
Во областа на владеењето на правото, политичката поларизација, ограничената меѓупартиска соработка и намалената доверба во институциите влијаат на спроведувањето на реформите, особено во правосудството и борбата против корупцијата.
Социјално-економските реформи покажуваат први чекори, но се потребни дополнителни напори, особено за активирање на пазарот на труд. Во животната средина, енергијата и транспортот се поздравува напредокот поврзан со Законот за енергетика и коридорите 8 и 10, но се препорачуваат дополнителни инвестиции.
Во делот за регионална соработка и надворешна политика, се оценува конструктивното учество на земјата во регионот и усогласеноста со надворешната политика на ЕУ, со повик за доследна посветеност на дијалог и соработка со соседите.
По презентирањето на 26 февруари, нацрт-извештајот ќе биде разгледан од сите политички групи, ќе се гласа во АФЕТ во мај и потоа на пленарна седница на ЕП пред летната пауза.
Лани во јули, ЕП со 461 глас „за“, 121 „против“ и 107 „воздржани“ го усвои првиот извештај на Вајц за 2023/2024 година, без формулација за македонски идентитет и јазик. Вајц тогаш нагласи дека земјата покажува вистинска посветеност на вредностите на ЕУ, но пристапувањето е неправедно блокирано поради билатерални спорови, што предизвикува разочарување кај граѓаните.


