ИЗГАСНАТ ОЛИМПИСКИОТ ПЛАМЕН – Завршија Зимските олимписки игри Милано – Кортина 2026 во Верона

2.891 спортист од 92 држави се натпреваруваа, меѓу кои и четворица Македонци

ИЗГАСНАТ ОЛИМПИСКИОТ ПЛАМЕН – Завршија Зимските олимписки игри Милано – Кортина 2026 во Верона
Фото: Принтскрин

Со свечена церемонија во римскиот амфитеатар „Арена ди Верона“ официјално беа затворени Зимските олимписки игри Милано – Кортина 2026, на кои учествуваа 2.891 спортист од 92 држави, меѓу кои и четворица македонски олимпијци.

Церемонијата, под наслов „Убавина во акција“, беше посветена на природните убавини на Италија, градот Верона и регионите каде се одржаа натпреварите, протегајќи се на 22.000 квадратни километри. Настанот комбинираше опера, симфониска музика и балет, со настап на италијанскиот балетски танчер Роберто Боле и изведби од делата на Џузепе Верди – „Риголето“ и „Травијата“.

Олимпискиот оган го внесе штафетата крос-кантри од Лилехамер 1994, по што на сцената се појавија знаменосците на сите 92 земји. Потоа беа доделени медалите во класичното крос-кантри 50 км, со победи на Швеѓанката Еба Андерсон и Норвежанецот Јоханес Клебо, кој го освои својот шести златен медал на ЗОИ. Медалите им ги додели претседателката на МОК, Кирсти Ковентри.

Во протоколарниот дел, Ковентри го презеде олимпиското знаме од градоначалниците на Милано и Кортина д’Ампецо и го предаде на претседателите на регионите домаќини на ЗОИ 2030 во Франција. Џовани Малаго, претседател на Организацискиот комитет на Милано-Кортина 2026, ја истакна посветеноста на Италија за создавање уникатно искуство за спортистите, во рамки на одржливост и трајно наследство.

Претседателката на МОК, Ковентри, во завршниот говор им се заблагодари на спортистите за нивната храброст, посветеност и страст, како и на сите што придонесоа за организацијата на игрите. Таа официјално ги прогласи XXV Зимските олимписки игри за затворени и изгасна двата олимписки пламена.

Најуспешна нација повторно беше Норвешка со 18 златни, 12 сребрени и 11 бронзени медали, следена од САД со 12 златни, 12 сребрени и 9 бронзени медали. Холандија и Италија освоија по 10 златни, а Италија забележа рекордни 30 медали.

Македонскиот тим беше составен од четворица спортисти: Ана Цветановска и Ставре Јада во нордиско трчање, и Јана Атанасовска и Мирко Лазаревски во алпско скијање.

Милано и Кортина д’Ампецо ќе бидат домаќини и на Параолимписките игри од 6 до 15 март 2026, каде ќе се натпреваруваат во алпско скијање, крос-кантри, биатлон, сноубординг, хокеј на мраз и карлинг во инвалидски колички.

CATEGORIES
Share This