ФУНКЦИОНЕРСКИ ПЛАТИ – Намалување за 10 до 13 илјади денари

Целта е поправична распределба на буџетските средства и усогласување со економските услови

ФУНКЦИОНЕРСКИ ПЛАТИ – Намалување за 10 до 13 илјади денари
Фото: Национал

Платите на избраните и именуваните функционери ќе бидат намалени за 10 до 13 илјади денари, а кај некои позиции и повеќе. Целта е да се постигне поправична распределба на буџетските средства и усогласување со економските услови во државата, изјави пратеникот од ВМРО‑ДПМНЕ, Бојан Стојаноски. Тој информира дека нивната пратеничка група поднела пакет од предлог-измени на шест закони со кои тоа ќе се реализира.

„Како група пратеници, официјално поднесовме пакет предлог-измени на шест закони кои го регулираат прашањето на платите на избраните и именуваните лица во државата. Основната цел е воспоставување поправична распределба на буџетските средства, при што платите на функционерите се усогласуваат со реалните економски услови во државата“ – истакна Стојаноски.

Тој појасни дека измените се однесуваат на платите на пратениците, министрите, судиите, јавните обвинители, членовите на Судскиот и Обвинителскиот совет, како и на градоначалниците.

„Со предложените решенија се врши интервенција во висината на коефициентите, со што се обезбедува рационално користење на средствата од буџетот“ – нагласи Стојаноски, додавајќи дека измените се целосно во согласност со Уставот.

Според предложените измени, платите на пратениците и функционерите во извршната власт ќе се намалуваат преку пониски коефициенти. Кај судиите и јавните обвинители се врши усогласување со економските можности на државата, а за градоначалниците се воведува нова скала според бројот на жители.

Стојаноски информира дека заштедените средства ќе се пренаменат за здравство, образование и социјална заштита, а намалувањето ќе важи веќе со исплатата на февруарската плата.

Пратеникот најави дека утре ќе биде закажана пленарна седница на која ќе се гласа за донесување на законите. Со оглед на рокот од шест часа предвиден во Деловникот, законите веднаш ќе бидат закажани, а потоа ќе се вратат на пленарна седница и се очекува уште истиот ден да бидат изгласани.

CATEGORIES
Share This