600 ЕВРА МИНИМАЛНА ПЛАТА – Комисијата не го прифати предлог-законот

Работничката сиромаштија и потрошувачката кошничка во фокусот на дискусијата

600 ЕВРА МИНИМАЛНА ПЛАТА – Комисијата не го прифати предлог-законот
Фото: Национал

Собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика денеска не го прифати предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратеничката група на СДСМ, ниту предлогот на координаторот на групата, Оливер Спасовски, за одржување јавна расправа и постигнување договор меѓу трите засегнати страни за зголемување на минималната плата.

Со предложениот закон се бараше минималната плата во државава да изнесува 36.960 денари (околу 600 евра) за периодот од март 2026 до март 2027 година.

Координаторот Спасовски го образложи законот како продолжение на континуираниот раст на минималната плата што започна системски во 2017 година. Тој посочи дека во изминатите две години цените на основните прехранбени производи, енергенсите, комуналните услуги и здравствените трошоци растат, а потрошувачката кошничка бележи континуиран пораст.

„Иако постои законски механизам за усогласување на минималната плата (50% од растот на просечната плата и 50% од растот на трошоците за живот), реалноста покажува дека динамиката на поскапувањата ја надминува законската, рече Спасовски, додавајќи дека најзасегнати се граѓаните кај кои минималната плата е единствен извор на приход“.

Пратеникот Фатмир Битиќи од СДСМ истакна дека плата од 600 евра не е каприц, туку нормално зголемување, а Владата треба да ги затвори системските дупки за да не се зголемуваат цените.

Илире Даути од ДУИ истакна дека зголемувањето на минималната плата треба да повлече и зголемување на просечната плата.

Пратеникот на СДСМ Јован Митрески пресмета дека едно четиричлено семејство со минимална плата, ако јаде три оброка дневно, ќе му фалат 400 денари на крајот од месецот.

Пратеникот Миле Цеков од ЗНАМ ја поддржа иницијативата.

Законот ќе биде разгледан и на Комисијата за политички систем и на пленарна седница, бидејќи се постапува по редовна процедура.

CATEGORIES
Share This