ГРУБИ НЕ СЕ ЧУСТВУВА БЕЗБЕДЕН ВО ШУТКА – Сместен во посебна ќелија
Посети и контакти со семејството ќе се регулираат според одлуките на судот

Денеска, на 23 февруари 2026 година, во 06:10 часот, на Граничниот премин Блаце, беше уапсен поранешниот вицепремиер Артан Груби (48).
По апсењето, Груби беше веднаш спроведен во затворот „Скопје“ во Шутка, каде од безбедносни причини е сместен во посебна ќелија со еден цимер, Македонец. Како што информираат од затворот, Груби пред задолжителниот лекарски преглед изјавил дека не се чувствува безбедно во друштво на другите притворени лица и затоа му е обезбедена 24-часовна посебна заштита.
Артан Груби беше во бегство година и два месеца, откако во декември 2024 година ја напушти Македонија и замина во Косово, веднаш по отворањето на истрагата. Во претходната постапка од декември 2024, Груби беше предмет на судење, но по неговото бегство процесот не беше завршен. Тој би се појавил пред судија на претходна постапка само ако се бара повторување на постапката.
Тој беше баран со меѓународна потерница поради истрага за кривично дело „проневера во службата“ во Државна лотарија и злоупотреба на над 8 милиони евра преку набавка на ВЛТ апарати. Во истиот случај покрај Груби, осомничен е и Перпарим Бајрами, генералниот директор и претседател на Управниот одбор на лотаријата, кој сè уште е во бегство. Останатите четворица осомничени се членови на комисија поврзана со два јавни повика за електронски и интернет игри на среќа, за кои постои сомнение дека ги злоупотребиле своите овластувања.
Од затворот информираат дека посети од семејство или одбраната ќе се одвиваат согласно одлуките и дозволите на надлежниот судија за овој случај.


