НОВИОТ КОНЗУЛ ВО БЕЛГРАД НЕ ЈА ПРИЗНАВА МАКЕДОНИЈА – Ваш кадар го предложи се вели во одговорот
СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во јавна расправија за именувањето на Душан Адамовиќ

Социјалдемократски сојуз на Македонија реагира во врска со именувањето на Душан Адамовиќ за почесен конзул на Република Македонија во Република Србија. Тие информираат дека Адамовиќ пред околу еден месец добил егзекватура од српското Министерство за надворешни работи објавувајќи фотографија од настанот како и негова објава на Икс од 2012 година во кој стои: „Ова е уште еден доказ дека српска Македонија е окупирана“.
Исто така се повикуваат на медиумски извештаи од Србија, според кои Адамовиќ бил поврзуван со повеќе афери, односно, обвинување од поранешен српски министер за внатрешни работи дека Адамовиќ бил дел од група инволвирана во трговија со оружје. Дополнително, според медиумските написи, во 2008 година бил застрелан во нога поради наводен долг, во 2006 година преживеал напад со бомба, а бил апсен и за други кривични дела.
На обвинувањата од СДСМ реагираше ВМРО-ДПМНЕ, која експресно ги отфрли тврдењата. Од владејачката партија посочија дека предлогот за именување на Адамовиќ не потекнува од актуелната Влада, туку од дипломатски кадар назначен во време на претходната власт на СДСМ и ДУИ.
Според соопштението, иницијативата дошла од македонскиот амбасадор во Белград, кој бил именуван за време на претходната влада. ВМРО-ДПМНЕ тврди дека Адамовиќ ги исполнува сите законски и дипломатски услови за да биде почесен конзул.


