ДУШКО И ДАНИЦА ТИМОВИ – Новите принц и принцеза на Струмичкиот карневал
Карневалот собира 39 групи од земјава и странство во различни категории

Душко и Даница Тимови беа избрани за принц и принцеза на Струмичкиот карневал на синоќешниот маскенбал што се одржа во Хотелот “Сириус“ во Струмица. Тие се дел од маската „Диско забава – кралеви на подиумот“ и вечерва, заедно со кралот и кралската свита, ќе го предводат големото дефиле на карневалот.
На вечерешното карневалско дефиле се очекува да учествуваат 39 групи од различни категории, со учесници од земјава и странство. Маските ќе ги оценува жири комисија, која ќе додели награди за најуспешните во секоја категорија. По завршувањето на дефилето, забавата ќе продолжи со настапи на Кирил Џајковски и локални изведувачи.
Карневалот ќе продолжи утре, на Прочка, со традиционалниот детски карневал, на кој младите струмичани ќе продефилираат со своите маски.


