НА БИТОЛСКИОТ УНИВЕРЗИТЕТ – Втора јавна дебата за новиот Закон за високо образование
Коментарите од дебатите ќе бидат интегрирани пред доставување до Собранието.

Денес во Битола се одржа втората од вкупно шест јавни дебати за новиот предлог Закон за високо образование, со учество на наставно-научниот кадар од Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола и од Универзитетот „Св. Апостол Павле“ во Охрид.
Министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска, заедно со други претставници на министерството, ги образложија главните новини во предлог-законот, потенцирајќи дека тој обезбедува повеќе права и можности за академската и научната заедница, како и за студентите.
На дебатата беа разгледани бројни прашања од присутните вработени на двата универзитета, а се разјаснија и некои дилеми што произлегоа од неточни информации кои во јавноста ги пласираа одредени општествени чинители. Министерката истакна дека целта на тие информации е да се намали ефикасноста на јавната дебата и да се насочи во друг правец.
„Благодарна сум за секоја забелешка и конструктивна сугестија за унапредување на законското решение. Заедничката работа носи квалитет, и убедена сум дека ќе донесеме модерен и применлив закон кој ќе го унапреди високото образование и ќе даде нов импулс на науката во годините што следат“ – нагласи Јаневска.
Таа додаде дека по завршувањето на сите закажани јавни дебати, коментарите ќе бидат сумирани, а сè што е издржано ќе биде интегрирано во новиот предлог-закон кој Владата ќе го достави до Собранието.


