ГРАБЕЖ ОД ИЗВРШИТЕЛИТЕ – Долг со автобуска карта од 35 денари се претвори во 11.500 денари

Марјан Ристевски тврди дека измените ќе доведат до зголемување на долговите преку адвокати, нотари и извршители.

ГРАБЕЖ ОД ИЗВРШИТЕЛИТЕ – Долг со автобуска карта од 35 денари се претвори во 11.500 денари
Фото: Национал

Претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати, Марјан Ристевски, обвини дека се подготвуваат измени на Законот за извршување кои ќе доведат до „грабеж“ врз граѓаните преку извршители, адвокати и нотари. Според него, фирмите кои побаруваат долгови од граѓаните, наместо директно да ги достават барањата за плаќање, преку адвокати значително ги зголемуваат сумите и понекогаш и до 20 или 30 пати.

Ристевски упати порака до Министерството за правда:

„Се прашувам дали Министерството е за правда или за неправда. Министерот веќе две години е на власт, но очигледно не го слуша гласот на народот. Апелираме законот да се повлече и синдикатите да бидат вклучени активно во неговото изготвување.“

Тој најави дека ќе побараат средба и со премиерот Христијан Мицкоски. Ако нивните барања за укинување на дополнителните трошоци не се прифатат, најавуваат протести. Ристевски потенцира дека додека енормните криминали застаруваат, долговите кај извршителите не.

„Дополнителните трошоци се неприфатливи. Граѓанинот треба да го плати само главниот долг, а не да ги богатиме адвокатите, нотари и извршителите со дополнителни измислени трошоци. Оваа борба ја водиме со години и се надевам дека конечно ќе се стави крај. Не може да се плаќаат сметки од 1996 или 2000 година.“

Пример за апсурдната наплата даде Перо Оџаклиев:

„Станува збор за младо лице кое не платило автобуска карта во Скопје од 35 денари. Денес, извршувањето достигнало 11.500 денари. Мајката на лицето дојде на протест со документот, и тоа покажува до каде е доведена ситуацијата.“

Синдикатите наведуваат дека околу 300.000 предмети се активни во кои граѓаните треба да плаќаат на извршители.

CATEGORIES
TAGS
Share This