АЛЕКСАНДАР НАУНОВ – Ветувањата на обвинителството и судот не се исполнија
Пронајден мобилен телефон во притвор отвори прашања за контрола и безбедност

Таткото на загинатата Надица Наунова, Александар Наунов, јавно го критикува Обвинителството и Кривичниот суд за неизвршените ветувања во судењето за трагедијата „Пулс“. Тој укажа на одложувања, оправдувања и отсуство на најавената динамика на процесот.
„Пред почетокот на судењето слушнавме ветувања дека ќе има две рочишта неделно, дека нема да се дозволат неоправдани одложувања, дека ќе се контролираат лекарските оправдувања и точноста, и дека Обвинителството нема да дозволи постапката да пропадне поради неосновани причини, особено одолговлекување. Тоа беа вашите зборови, ваши гаранции пред јавноста, ваши ветувања кон нас. Денес прашуваме – каде се тие ветувања?“, рече Наунов.
Тој посочи дека во јануари се одржало едно рочиште, во февруари две, а до крајот на месецот е закажано уште едно, „ако воопшто се одржи“. Според него, ветеното темпо од две рочишта неделно не се реализира, а честите оправдувања создаваат сомнежи кај семејствата на жртвите.
„Гледаме обвинети кои од здрави стануваат болни, носат документација за која не знаеме дали е основана. Тоа буди сомнеж дека се дејствува со цел одолговлекување на постапката“, нагласи Наунов.
Тој ја критикуваше и безбедноста во притворот, откако кај првообвинетиот бил пронајден мобилен телефон.
„На првообвинетиот му е пронајден телефон во ќелија, и сè завршило само со опомена. Се поставува прашањето дали се врши соодветна контрола, што се случува со телефоните на првообвинетиот, дали е целата комуникација обработена. Дали опомената е доволна или требало да има време во самица? Ова отвора сомнежи и ја разнишува довербата“, изјави тој.
Дополнително, Наунов укажа на разлики меѓу изјавите на сведоците дадени пред судот и оние пред Обвинителството.
„Видовме сведок кој даде изјава различна од таа пред Обвинителството. Прашуваме, како се постапува со луѓето кои лажно сведочат?“, рече тој.
Во емотивно обраќање, Наунов порача до оние кои ја релативизираат тежината на трагедијата:
„За оние кои тврдат дека ‘Пулс’ е толку климаво поставен што ќе падне, нека запомнат нешто, по тие скали не лежат предмети, бројки или статистика. По тие скали лежат 63 млади животи, 63 светови кои згаснаа. Тие не беа наши деца за давање и тие беа наша фамилија. Тоа не се само имиња на лист хартија. Слушнавме што ветивте, но гледаме што правите. Нашето трпение е на крај.“


