СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА – Помилувањето треба да се базира на ресоцијализација, а не на казната
Помилувањето треба да го оценува процесот на ресоцијализација, а не само видот и тежината на делото.

Помилувањето не треба да се базира на казната или природата на делото, туку на процесот на ресоцијализација на лицето и ефективноста на институциите.
„Сите луѓе, дури и кога прават сериозни грешки и се наоѓаат во изолација, имаат право на втора шанса. Денешниот тренд во ресоцијализацијата оди рака под рака со осовременувањето и очовечувањето на условите во затворите“, истакна претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на научно-стручната расправа за предлог-законот за помилување на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.
Таа потенцира дека нашите затвори сè уште не ги исполнуваат овие стандарди и дека постојат предупредувања од Советот на Европа за можни елементи на тортура при постапувањето кон затворениците.
Претседателката ја оцени важноста на изработката на нов закон, бидејќи актуелниот не ги задоволува современите стандарди, особено по измените од Уставниот суд. Таа додаде дека членовите на комисијата за помилување не треба да имаат истражни надлежности и не мора да бидат судии или адвокати.
Сиљановска-Давкова отвори повеќе прашања за законот, вклучувајќи го и сведувањето на дискрециското право на минимум, улогата на Комисијата за политички систем и идната улога на Министерството за правда.
„Постапувањето секогаш остава простор за дискреционо однесување, но тоа треба да се сведе на минимум. Јас секогаш сум ја следела одлуката на Комисијата и тоа треба можеби да се внесе во законот“, рече таа.
Таа предложи и можност за донесување на закон за претседател, бидејќи, како што истакна, во моментов постои закон за правата на претседателите што не се актуелни, но не и за актуелниот претседател.
Во контекст на доживотен затвор, Сиљановска-Давкова посочи дека треба да се размисли дали некои осуденици треба да го завршат животот во затвор, со исклучок на дела поврзани со тероризам и злосторства против човештвото. Таа нагласи дека треба да се следат препораките на Венециската комисија, која советува автентичните толкувања да се лоцираат во Уставниот суд, а не во парламентот.
„Нашата држава има најмногу автентични толкувања. Според Венециската комисија, сегашниот состав не може да толкува што мислеле претходните од деведесеттите години. Преку автентично толкување може да се даде сосема поинаква интерпретација на законските одредби. Исто така, има забелешки и за општите мислења на Врховниот суд во однос на поделбата на власта“, заклучи Сиљановска-Давкова.


