ВАЈЦ СО ПОРАКА ДО СКОПЈЕ – Реформи без одлагање, поддршка без калкулации

Известувачот на Европски парламент за Македонија, Томас Вајц, предупредува на застој во реформите и бара конкретни резултати од Владата

ВАЈЦ СО ПОРАКА ДО СКОПЈЕ – Реформи без одлагање, поддршка без калкулации
Фото: Принтскрин

Од клучно значење за евроинтегративниот процес на државата, особено во услови на новата геополитичка реалност, е сите политички чинители – а пред сè Владата – да испорачуваат конкретни и мерливи резултати во клучните реформски области. Истовремено, Европската Унија и нејзините земји членки мора да ги исполнат своите обврски и целосно да ја поддржат државата, вклучително и преку засилен дипломатски ангажман, за да ѝ помогнат да напредува во исполнувањето на преземените обврски.

Ова го истакнува известувачот на Европски парламент за Македонија, австрискиот европратеник Томас Вајц, во годишниот нацрт-извештај за напредокот на земјата, кој на 26 февруари ќе го презентира пред Комитетот за надворешни работи на ЕП – АФЕТ.

Ова е втор извештај за земјата што Вајц го подготвува од 2022 година наваму. Во појаснувачката изјава тој нагласува дека документот има цел да обезбеди балансирана и објективна проценка на напредокот на Северна Македонија во пристапниот процес, и е изработен како одговор на Пакетот за проширување на Европската комисија за 2025 година.

Според Вајц, земјата во моментов се наоѓа во сложена позиција, бидејќи пристапниот процес е во застој. Иако се направени одредени позитивни чекори, напредокот во реформската агенда и особено во владеењето на правото, реформите во правосудството и борбата против корупцијата останува недоволен. Како причини тој ги наведува изборниот циклус, ограничените капацитети на јавната администрација и недостигот од долгорочна политичка посветеност.

Во нацрт-извештајот се нотира и дека нема напредок во однос на уставните измени, главно поради стравувањата од нови билатерални блокади или дополнителни барања од Бугарија. Вајц оценува дека е неопходно итно зголемување на политичката волја од двете страни за надминување на овој ќор-сокак.

Тој предупредува дека во услови на сериозни промени во меѓународниот поредок и особено поради руската агресија врз Украина и неизвесноста околу трансатлантските односи од суштинско значење е Европа да остане обединета. Во таков геополитички контекст, постојат можности за оживување и забрзување на процесот на проширување, но тој, како што нагласува Вајц, ќе продолжи строго да се темели на принципот на заслуги.

Затоа, апелира тој, сите политички актери во Северна Македонија, особено Владата и пратениците од владејачкото мнозинство, мора итно да препознаат нова итност и да испорачуваат убедливи и искрени резултати во клучните области, без понатамошни одлагања.

Вајц потенцира дека напредокот во владеењето на правото не е важен само за членството во ЕУ, туку е клучен и за изградба на стабилна, просперитетна и отпорна држава. Функционалното правосудство и предвидливата инвестициска клима, додава тој, се предуслов за одржлив економски развој и за целосно искористување на придобивките од европските интегративни процеси.

Истовремено, ЕУ и нејзините земји членки, нагласува Вајц, мораат да ја исполнат својата улога.

Мораме целосно да ја поддржиме земјата и активно да ѝ помогнеме да ги надмине постојните пречки. Јас лично останувам посветен на градење постабилно, поконструктивно и попроширувачко мнозинство во Европскиот парламент во поддршка на пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ“ – истакнува Вајц.

Нацрт-извештајот ќе помине низ повеќе фази и можни амандмански измени во Европскиот парламент, по што конечната верзија ќе биде позната пред летната пауза. Гласањето во Комитетот за надворешни работи се очекува во мај, а потоа и на пленарна седница на Европскиот парламент.

Во документот се изразува целосна поддршка за европската перспектива на земјата и за посветеноста на македонските граѓани, но се нагласува потребата од обновена политичка волја, уставни измени, конструктивна меѓупартиска соработка и засилен парламентарен надзор врз реформите.

Дополнително, се укажува на потребата од подобрување на слободата и независноста на медиумите, борба против дезинформациите, поголемо вклучување на граѓанското општество, како и натамошен напредок во родовата еднаквост и правата на немнозинските заедници.

CATEGORIES
Share This