МУЦУНСКИ ОД ТИРАНА – Кога сакаме, со Бугарија можеме да соработуваме

Министерот за надворешни работи вели дека постои активна комуникација со Софија и со Европската Унија

МУЦУНСКИ ОД ТИРАНА – Кога сакаме, со Бугарија можеме да соработуваме
Фото: Национал

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, изјави дека Македонија е подготвена за активна комуникација и ангажман со Бугарија, нагласувајќи дека Коридор 8 е конкретен доказ дека соработката меѓу двете земји е можна кога постои политичка волја.

Одговарајќи на новинарски прашања пред Македонско-словачкиот бизнис форум, Муцунски посочи дека во Тирана присуствувал на настан посветен на Коридорот 8, каде што се преземаат опипливи чекори за негова реализација од двете страни. Тој додаде дека е неопходно забрзување и на западниот сегмент од коридорот во Албанија, при што во последниот период се забележуваат позитивни сигнали.

Коридорот 8 не е само прашање на патна и железничка инфраструктура, туку и на енергетска инфраструктура и други комплементарни области. Тој е јасен доказ дека со Бугарија можеме да соработуваме кога сакаме“ – истакна Муцунски.

Министерот потсети дека во Бугарија во моментов е во тек изборен процес, поради што, како што рече, Македонија мора да биде исклучително внимателна во своите јавни настапи, за да не стане дел од изборната реторика во соседната држава.

„Секој што има намера да нè вовлече во изборната кампања во Бугарија, нема проевропски вредности. За жал, такви обиди доаѓаат и од одредени политички чинители таму, но и од поединци на домашната политичка сцена“ – нагласи тој.

Муцунски потврди дека за ова прашање постои и конкретна комуникација со Европска Унија. Тој потсети на средбата во Минхен меѓу премиерот Христијан Мицкоски и претседателот на Европски совет, Антонио Кошта, на која била отворена темата за можностите за изнаоѓање решение со Бугарија.

На таа средба, Мицкоски нагласил дека Македонија останува цврсто посветена на европскиот пат и реформите, но дека заслужува достоинствен и принципиелен пристап, заснован на европски вредности, а не на билатерални условувања.

Во меѓувреме, Бугарија ќе одржи предвремени парламентарни избори на 19 април 2026 година,  осми по ред во последните пет години и по продлабочувањето на политичката криза и масовните протести против корупцијата. Мандатарот за состав на техничката влада, Андреј Ѓуров, веќе ги претстави министрите кои ќе го водат изборниот процес.

CATEGORIES
Share This