ТУРСКИТЕ ВОЗАЧИ НЕМААТ ПРОБЛЕМ СО ВИЗИТЕ – Балканците се блокирани
Нови апсења на возачи од Србија, Босна, Црна Гора и Македонија поради престој над 90 дена во Шенген зоната.

Во последните денови се зголеми бројот на апсења на возачи на камиони од Западен Балкан во Германија, додека хрватските царински службеници ги враќаат камионџиите на границата поради престој подолг од 90 дена во Шенген зоната. Досегашните разговори во Брисел за проблемите на превозниците завршија со големо разочарување, а возачите повторно размислуваат за штрајк на регионалните гранични премини за товарен транспорт кон ЕУ.
Срѓан Тошиќ, поранешен претседател на Здружението на возачи на камиони вели дека блокадата на границите е последната опција што тие сакаат да ја избегнат, но дека за превозниците тоа станува неизбежно:
„Минатиот пат се повлековме за да покажеме добра волја, верувајќи дека проблемот ќе биде решен, но тоа не се случи. Брисел не сака да се занимава со нашите проблеми, и сега гледаме дека сите ветувања претходно беа само прашина во очите. Ако сега има блокади кои би траеле десет или повеќе дена, тоа ќе биде катастрофа не само за нашите компании, туку и за компаниите во ЕУ. Но, немаме друг избор.“
Турските возачи, кои сè уште работат со визен режим, не се погодени од новиот систем. Тие користат Ц-виза која им овозможува 90 дена престој во период од 180 дена, слично како што имаа возачите од Западен Балкан претходно. Меѓутоа, нивните податоци при влегувањето во ЕУ не се внесуваат во системот EES, бидејќи веќе се регистрирани при добивање на визите, што им овозможува да продолжат со работа без ограничувања. Дополнително, Турција има билатерални договори со земјите од ЕУ, кои им овозможуваат да ги „амортизираат“ потенцијалните проблеми со престојот.
Возачите од Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Македонија штрајкуваа по воведувањето на новиот систем EES, кој им забрануваше престој во Шенген зоната подолг од 90 дена, што доведе до апсења и депортации, и ги попречи да работат нормално.
На 29 јануари во Брисел беше претставена стратегија за визи, во која Европската комисија се согласи да разгледа посебни визи за професионалните возачи со цел подолг престој и непречена работа. Сепак, на следните состаноци на техничката работна група не беше постигнат напредок, а портпаролот на ЕК, Гијом Мерсие, практично им порача на возачите дека мора сами да се снаоѓаат, бидејќи системот EES останува во употреба.


