ФЕСТИВАЛСКА ЗАГРИЖЕНОСТ На Фатима Бош и се слоши додека поздравуваше
Организацијата објасни дека станува збор за краткотрајна вртоглавица по повеќечасовен ангажман на отворено.

Актуелната Мис Универзум, Фатима Бош, предизвика загриженост на Фестивалот на овошјето и цвеќето во Амбато, Еквадор, кога ненадејно се спушти на колена додека се возеше на парадна платформа, објави „Пипл“.
Инцидентот се случил во неделата, на 15 февруари. Бош била облечена во светлозелена свечена тоалета и стоела на цветно украсената платформа додека ги поздравувала присутните граѓани.
Снимките што брзо се проширија на социјалните мрежи покажуваат како таа се обидува да се држи за оградата зад себе, по што клекнала. Од толпата се слушаат вознемирени реакции, а една жена веднаш се искачува за да ѝ помогне. Очевидците велат дека Бош била свесна и комуницирала со лицето што ѝ притекло на помош.
Од организацијата Мис Универзум информираа дека станува збор за краткотрајна вртоглавица предизвикана од повеќечасовен ангажман на отворено за време на фестивалската парада.
„Од претпазливост, веднаш ѝ беше укажана помош од тимот и од локалните медицински служби. Таа остана свесна, беше прегледана и закрепна за кратко време. Распоредот ѝ е прилагоден за да има доволно одмор и хидратација. Се чувствува добро и изрази благодарност за топлиот прием во Еквадор“, се наведува во соопштението.
Од организацијата додаваат дека здравјето и безбедноста на носителките на титулата се приоритет, особено за време на меѓународната турнеја на Бош, која вклучува културни, хуманитарни и општествени активности во повеќе држави.


