ФИЛОЛОШКИ ФАКУЛТЕТ – Се одбележа животното дело на проф. д-р Георги Сталев Поповски

Признание за животно дело во македонската книжевност

ФИЛОЛОШКИ ФАКУЛТЕТ – Се одбележа животното дело на проф. д-р Георги Сталев Поповски
Фото: Принтскрин

Денеска на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје се одржа омаж на проф. д-р Георги Сталев Поповски, во соорганизација со ИМЛ, ДПМ и Македонскиот ПЕН-центар. Наставната, научната, творечката и преведувачката дејност на Сталев Поповски ги презентираа проф. д-р Венко Андоновски, проф. д-р Зоран Анчевски, проф. д-р Лорета Георгиевска-Јаковлева и проф. д-р Трајче Стамески.

Георги Сталев Поповски (1930=2025) беше поет, прозаист, драмски писател, книжевен критичар и преведувач, долгогодишен уредник на „Современост“ и еден од првите членови на Македонскиот ПЕН-центар и Друштвото на писателите на Македонија.

Тој беше министер за култура на СР Македонија и координатор на школскиот систем за македонската дијаспора во Австралија. Добитник е на бројни престижни награди за книжевност и превод, меѓу кои „11 Октомври“, „Климент Охридски“, „Златен лавров венец“ и државната награда за животно дело.

Автор е на пет поетски книги, пет драмски текстови, два романа и една книга раскази, како и на многу препеви, преводи и критички есеи. Неговата работа ја постави рамката за високи стандарди во македонската книжевност, а талентот за ритмика и музика го водеше и кон пишување либрета и компонирање музика за детски претстави.

Во 2011 година, Филолошкиот факултет организираше дводневен научен собир посветен на неговиот творечки лик, потврдувајќи ја неговата значајна улога во македонската култура.

CATEGORIES
Share This