Сите натпревари во Италија закажани за денеска се одложени поради смртта на папата Франциск, соопшти Италијанската фудбалска федерација.
Вечерва требаше да се одиграат четири натпревари од 33.коло во Серија А: Торино – Удинезе, Каљари – Фиорентина, Џенова – Лацио и Парма – Јувентус.
Исто така, од Фудбалската федерација на Италија објавија дека одложени се мечевите и од Серија Б и подолните нивоа на италијанските лиги, а дополнително ќе биде објавен нов термин за овие натпревари.
Подоцна во текот на денот пристигна веста дека откажаните мечеви ќе се играат во среда, на 23 април.
Ова поместување нема да има влијание на полуфиналето од Купот на Италија. Мечот меѓу Интер и Милан ќе се игра исто така во среда. А дуелот меѓу Болоња и Емполи ќе биде во четврток, како што претходно беше закажан.
Папата Франциск почина денеска на 88-годишна возраст, соопшти кардиналот Кевин Ферел.


