ЗАКОН ЗА ВИСОКОТО ОБРАЗОВАНИЕ – Следната недела јавни расправи со универзитетите

Министерството очекува официјални и интегрирани забелешки од академската заедница.

ЗАКОН ЗА ВИСОКОТО ОБРАЗОВАНИЕ – Следната недела јавни расправи со универзитетите
Фото: Национал

Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека јавната дебата за Законот за високо образование сè уште трае и оти Министерството очекува официјални и интегрирани забелешки од универзитетите.

Одговарајќи на новинарски прашања на традиционалната прослава по повод празникот Свети Трифун, одржана на Опитното поле на Факултетот за земјоделски науки и храна при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Јаневска нагласи дека процесот на консултации не е завршен и најави директни средби со академската заедница.

Таа информираше дека Министерството веќе добива забелешки преку платформата ЕНЕР и по електронска пошта, но очекува универзитетите официјално да ги достават своите усогласени ставови.

„Сè што ќе оцениме како разумно ќе биде прифатено, а прашањата што може да предизвикаат проблем ќе бидат дополнително дискутирани. Ќе организираме јавни расправи со професорите, на кои детално ќе ги разгледаме спорните членови. Во најголем дел нема сериозни забелешки, но остануваат неколку членови за кои треба да постигнеме заеднички договор“ – рече Јаневска.

Таа истакна дека државата повеќе нема простор за просечни резултати во образованието и науката.

„Немаме време да си играме со образованието и науката. Просечните и потпросечните резултати нè доведоа до оваа состојба и мора да одиме напред. Министерството и законски и финансиски го поддржува напредокот“ – нагласи министерката.

На настанот, Јаневска им го честиташе празникот на земјоделците, лозарите и овоштарите и изрази поддршка за активностите на Факултетот за земјоделски науки и храна.

„Како Влада ќе продолжиме да ги поддржуваме ваквите проекти, бидејќи квалитетот и резултатите се единствениот пат напред“ – порача Јаневска.

CATEGORIES
Share This