ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА ГИ ОДБИ ПРЕДЛОЗИТЕ НА ЗАПАДЕН БАЛКАН – Превозниците најавуваат протести

Отфрлени сите предлози И– товарниот транспорт од Западен Балкан пред сериозен удар

ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА ГИ ОДБИ ПРЕДЛОЗИТЕ НА ЗАПАДЕН БАЛКАН – Превозниците најавуваат протести

Европската комисија ги отфрли сите предлози доставени од земјите од Западен Балкан за изнаоѓање компромисно решение околу ограничувањето на престојот и работата на товарните превозници од регионот во земјите од Шенген, пренесува подгоричкиот медиум Вијести. Според нивните информации, поради ваквата одлука се зголемува веројатноста за нови протести, како и блокади на граничните премини и пристаништата.

Превозниците предложиле воведување посебни визи или сличен документ за професионалните возачи, со што би им се овозможило подолго задржување и работа во ЕУ без промена на живеалиштето. Алтернативно, тие побарале времето поминато во транзит и според патни налози да не се пресметува во вкупниот дозволен престој.

Сепак, како што наведува соговорник на Вијести, претставниците на Европска комисија ги отфрлиле сите предлози со образложение дека не се во согласност со правилата на Шенген. На прашањето какво решение нуди самата Комисија, одговорот бил дека превозниците и возачите мора да се прилагодат на правилото 90/180.

Како единствена можност, од ЕК предложиле возачите да аплицираат за национална виза од земја-членка на Европска Унија, со која би можеле да престојуваат подолго од 90 дена во таа држава. Претставниците на превозниците, пак, предупредиле дека тоа би довело до „одлив“ на возачи, бидејќи тие би можеле да се вработат кај европски компании, со што регионалните превозници би останале без кадар.

Дополнително, тие истакнале дека во таков случај и самите компании од Западен Балкан би морале да се преселат и регистрираат во земјите-членки на ЕУ – процес што е долг, сложен и скап, а воедно и неприфатлив за соседните земји-членки поради конкуренцијата со нивните домашни превозници.

Соговорникот наведува дека претставниците на ЕК не понудиле одговор на овие забелешки и дека остануваат на своите позиции. Нов состанок на работната група на ЕУ е закажан за две недели.

Според превозниците, предложеното решение од страна на ЕУ би се спроведувало со години, додека тие веќе од април би останале без работа. Затоа, во наредните денови ќе се договараат за нови форми на протест.

Од почетокот на април стапуваат во сила правилата според кои превозниците од Западен Балкан ќе можат да престојуваат и работат на територијата на ЕУ најмногу 90 дена во период од 180 дена. Превозниците предупредуваат дека, ако се земат предвид времето на чекање на граници и другите процедури, реално ќе можат да работат најмногу околу десет дена месечно, што ќе ги направи неконкурентни во однос на европските компании и ќе доведе до губење на работните места.

CATEGORIES
TAGS
Share This