МАКЕДОНСКИ РАБОТНИЦИ СПОРЕД СВЕТСКАТА СТАТИСТИКА – Создаваат двојно поголема вредност а како плата добиваат само 17 отсто од создаденото
Минималната плата изнесува само 17% од економската вредност што ја генерираат работниците, покажува ССМ според податоците на ILO

Македонските работници создаваат повеќе од двојно поголема економска вредност отколку што добиваат како плата, покажуваат податоците на Меѓународната организација на трудот (ILO), кои денес ги истакна Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).
Според показателот за бруто домашен производ по одработен час, продуктивноста во Македонија изнесува околу 34 американски долари по час, што е над светскиот просек од 23,27 долари. Пресметано на месечно ниво, со просечни 168 работни часа, еден работник создава економска вредност од 297.024 денари.
Меѓутоа, нето минималната плата во државата е само 24.379 денари, што значи дека работникот кој зема минимална плата добива само 17% од вредноста што ја создава.
ССМ оценува дека распределбата на создадената вредност е „неправедна“, бидејќи најголемиот дел завршува во профит, инвестиции, амортизација, даноци и други капитални трошоци, наместо кај работниците.
„Очигледно е дека обидите да се запре растот на минималната плата не се базираат на продуктивноста на работниците, туку на тоа колку се богати газдите и функционерите на сметка на трудот на работниците“, истакнуваат од ССМ.


