МУЦУНСКИ ОД МИНХЕН – Македонија ја зацврсти стратешката позиција со нови партнери

Европа и САД повикуваат на стабилност, безбедност и трансатлантско партнерство

МУЦУНСКИ ОД МИНХЕН – Македонија ја зацврсти стратешката позиција со нови партнери
Фото: Принтскрин

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, од Минхен истакна дека во последните дваесет месеци државата донела низа значајни одлуки и склучила договори со големо влијание врз стратешкото позиционирање на меѓународната сцена.

Меѓу клучните чекори, тој посочи на Партнерството за безбедност и одбрана со Европската Унија, со што Македонија стана прва земја во регионот што потпиша ваков договор, Новото стратешко партнерство со Обединетото Кралство и завршување на постмониторингот од Советот на Европа и Заедничката изјава за реципрочна трговија со САД, која отвора можност за идни трговски договори и подобри услови за македонските компании. Според Муцунски, документот предвидува одржување на тарифата од 15%, со можност за намалување на царините до нула за одредени извозни производи, како и потенцијална соработка во енергетиката и дигиталната трансформација.

Министерот оцени дека овие конкретни надворешнополитички чекори носат придобивки за граѓаните, бизнис-заедницата и државата.

Во однос на пораките од Минхенската конференција, Муцунски нагласи дека европските и американските претставници ја истакнале потребата Европа да се врати кон своите основни вредности, да ја зајакне безбедносната архитектура и економската стабилност.

Тој додаде дека САД испраќаат порака за партнерство и соработка во трансатлантските односи, што е важно за колективната безбедност и иднината на НАТО. Според него, променетите глобални околности бараат јасно и стратешко позиционирање на државата во новата геополитичка реалност.

CATEGORIES
Share This