УСТАВНИОТ СУД ЈА ОТВОРА ВРАТАТА ЗА ЈАВНОСТА – Директен дијалог со граѓаните
По повод 62 години од почетокот на работата, Уставниот суд воведува редовни средби со граѓаните секој прв четврток во месецот.

По повод одбележувањето на 62 години од почетокот на работата на Уставниот суд, кој на 15 февруари 1964 година за првпат започна со својата дејност, Судот ги поканува сите заинтересирани граѓани да присуствуваат на редовни средби со неговиот претседател, Дарко Костадиновски.
Средбите ќе се одржуваат секој прв четврток во месецот и имаат за цел да го доближат работењето на Уставниот суд до јавноста, да ја подигнат свеста за уставно загарантираните права и да обезбедат практични насоки за правилно поднесување на иницијативи и поднесоци до Судот.
Ова претставува единствена можност граѓаните директно да се запознаат со надлежностите, постапките и значењето на одлуките на Уставниот суд во заштитата на правата и слободите.
Сите заинтересирани можат да се пријават за учество преку електронската адреса gragani@ustavensud.mk, а дополнителни информации се достапни и на телефонскиот број +389 2 322 3626.
„Приклучете се и искористете ја оваа можност за директен контакт со претседателот на Уставниот суд и за подобро разбирање на улогата на Судот во заштитата на вашите права“, порачуваат од Уставниот суд.


