ДАНСКИ ИНВЕСТИЦИСКИ ФОНД СО НОВ БИЗНИС – Купиле 250 станови во Скопје, уште толку во план
Стратегија на долгорочен раст и купуваат станови уште на темелите за повисок принос

Данскиот инвестициски фонд „Вексткапитал груп“ значително го зголемува својот интерес за македонскиот пазар на недвижности. Фондот веќе поседува 250 станови во изградба на атрактивни локации во Скопје, а според информации кои излегоа во јавноста планира до крајот на годината да купи уште најмалку толку.
Фондот соработува со неколку локални агенции за недвижности, како и директно со инвеститори. Стратегијата им е да купуваат станови уште во фаза на ископ на темели, што овозможува пониски набавни цени и поголем потенцијал за принос.
Од „Вексткапитал груп“ потврдуваат дека веќе имаат партнерства со поголеми градежни компании во земјава. Интересот за Македонија го темелат на позитивните економски прогнози, растечката средна класа и атрактивноста на пазарот на недвижности.
Коосновачот на фондот, Јенс Киндберг гледа голем потенцијал во секторот и дека целта е фондот да придонесе во економскиот раст на земјата, слично како што, според него, веќе направиле во Бугарија.
„Веруваме дека растечката средна класа и добро образованата младина ќе ја издигнат земјата и сакаме да го поддржиме овој развој“, истакнал Киндберг.
На прашањата околу потеклото на инвестициите, тој појаснил дека во Македонија вложуваат лични средства.
„Вексткапитал груп“ е регистрирана во Луксембург и поседува повеќе компании во Данска. Групацијата веќе има значително присуство во Бугарија преку компанијата „СЕЕ Резиденшл“, која располага со 262 стана на атрактивни локации во Софија. Таму целта е до 2030 година да достигнат портфолио од 1.000 станови и да станат најголем издавач на станови во бугарската престолнина.
Со најавеното темпо на купување во Скопје, македонскиот пазар би можел брзо да стане клучна точка во регионалната стратегија на фондот.


