МИНХЕНСКА БЕЗБЕДНОСНА КОНФЕРЕНЦИЈА – Дипломатска офанзива на премиерот Мицкоски од Минхен
На маргините на Минхенската безбедносна конференција остварени средби со водечки европски инвеститори и високи европски функционери.

„Добар ден од Минхен, од 62. Минхенска безбедносна конференција. Првиот ден го започнавме со исклучително значајна средба со високи претставници на Шварц група, една од најголемите компании во светот и во Германија, со годишни приходи над 180 милијарди евра. Компанијата вработува повеќе од 605.000 луѓе и е присутна во над 30 земји, меѓу кои и Македонија.
Потоа, како продолжение на средбата во Давос, остваривме разговор и со сопственикот на 4iG, компанија која веќе е присутна во Македонија како носител на лиценца за трет мобилен оператор.
Важно е македонската јавност да знае дека, покрај постојните инвестиции, и Шварц група и 4iG планираат нови вложувања во Македонија во сосема нови области и вештачка интелигенција, дата-центри и енергетика, односно производство на електрична енергија.
Бевме дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција, каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Фридрих Мерц. Денот го заокружуваме со средба со претседателот на Европски совет, Антонио Кошта.
На таа средба разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија, при што нагласивме дека тој мора да остане небилатерализиран, непонижувачки и со целосно зачувување на македонскиот идентитет и приоритетите на граѓаните.
На крај, сакам да им честитам на македонските граѓани за убавата вест што утрово пристигна од Вашингтон – усогласената заедничка изјава меѓу македонската Влада и Белата куќа, која се однесува на идниот трговски договор меѓу Македонија и Соединети Американски Држави. Овој договор ќе донесе подобра економска соработка и нови можности за македонските компании.
Со ова, покрај стратешкото партнерство со Обединетото Кралство и по укинувањето на постмониторингот од страна на Советот на Европа, го заокружуваме периодот на силна дипломатска офанзива во првите дваесетина месеци од мандатот на новата Влада. Станува збор за историски договори и значајни успеси за Македонија и нејзините граѓани.
Останете со нас и во следните два дена од Минхен не очекуваат уште добри вести и успешни средби“, изјави премиерот.


