ШТРАЈК ВО ЛУФТХАНЗА – 0ткажани речиси 800 летови

Хаос во германскиот воздушен сообраќај каде 100.000 патници погодени од штрајк

ШТРАЈК ВО ЛУФТХАНЗА – 0ткажани речиси 800 летови
Фото: Принтскрин

Германската авиокомпанија „Луфтханза“ откажа речиси 800 летови поради штрајк на пилотите и кабинскиот персонал, што предизвика сериозни нарушувања во авионскиот сообраќај и ги погоди плановите за патување на околу 100.000 патници.

Од компанијата соопштија дека ситуацијата е „исклучително тешка и непропорционално ги погодува патниците“, но изразија надеж дека распоредот на летање ќе почне да се нормализира во петок.

Според проценките на Германското здружение на аеродроми (ADV), повеќе од 460 летови се откажани, при што директно се погодени околу 70.000 патници.

Најголем дел од откажувањата се однесуваат на летовите од и кон Франкфурт и Минхен, главните хабови на „Луфтханза“. Откажани се и бројни интерконтинентални линии.

Компанијата најави дека ќе се обиде да ги пренасочи патниците на летови на други или партнерски авиокомпании сè додека не се стабилизира сообраќајот.

Штрајкот го организираа синдикатот на пилоти VC и синдикатот на кабински персонал UFO, во особено чувствителен момент. Во Берлин започнува Филмскиот фестивал „Берлинале“, додека во Минхен следниот ден се одржува Минхенската безбедносна конференција, на која учествуваат бројни светски политички и воени претставници.

Во сржта на конфликтот се барањата на пилотите поврзани со пензиските бенефиции. Тие се во спор со главната компанија на „Луфтханза“, како и со службата за ракување со багаж.

Синдикатот VC уште минатата година најави можност за штрајк со цел да изврши притисок врз управата за подобрување на условите за пензионирање. И покрај продолжените преговори, договор сè уште не е постигнат.

Од „Луфтханза“ тврдат дека немаат финансиски капацитет да ги исполнат овие барања и ја опишуваат својата главна авиокомпанија како „проблематично дете“ во рамки на групацијата.

Во меѓувреме, синдикатот UFO ги повика вработените во подружницата CityLine на штрајк поради планираното укинување на летачките операции и, како што наведуваат, „континуираното одбивање на работодавачот да преговара за колективен социјален план“.

Претставникот на UFO, Хари Јегер, изјави:

„Истовремената активност на пилотите е случајност, но е добредојдена. Сакаме да извршиме притисок врз управата.“

Иако компанијата очекува постепена нормализација на авиосообраќајот, актуелните тензии меѓу управата и синдикатите укажуваат дека кризата сè уште не е целосно надмината.

CATEGORIES
Share This