ФИЛИПЧЕ ЖЕСТОКО ЗА ВЛАСТА – Следат и прислушкуваат, сѐ е исто како во времето на Груевски
Филипче вели дека пратеници јавно објавуваат кога тој ја напушта државата, што отвора сериозни сомнежи за институционална злоупотреба.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во телевизиско гостување изјави дека нема никаква комуникација ниту координација со Трендафилов, посочувајќи дека единствената средба со него ја имал пред година и пол во Собранието, кога постоеле одредени иницијативи.
„Со човекот немам никаква комуникација, ниту пак некаква координација. Единствено заедничко што го имаме во последниве денови е тоа што власта спроведува злоупотреба на институциите и го следат, го фотографираат, а мене ме сликаат на аеродроми. Пратеникот Бране Петрушевски јавно кажува кога сум ја напуштил земјата. Од каде знаат каде се движам? Каква е оваа злоупотреба на безбедносните служби?“, праша Филипче.
Тој оцени дека државата повторно се враќа во периодот на злоупотреба на безбедносните служби, карактеристичен за времето на Никола Груевски, нагласувајќи дека практиките на актуелната власт се идентични.
Говорејќи за барањата на синдикатите за зголемување на минималната плата, Филипче истакна дека поддршката на СДСМ за повисоки плати е принципиелна и конзистентна.
„Ова е тема што директно погодува илјадници семејства и најдобро ја покажува разликата меѓу нашите политики и лицемерието на сегашната власт. Барањата се реални, луѓето тешко врзуваат крај со крај. Во првите две години од нашата власт ја зголемивме социјалната помош за 300 проценти, а минималната плата од 8.000 на 14.000 денари. По две години од оваа власт, што е направено? Ништо“, рече Филипче.
Тој нагласи дека СДСМ има конкретен предлог за обезбедување средства преку кратење на непродуктивните трошоци, како патувања, репрезентации, нов мебел и опрема за кабинети.
„Со тие мерки може да се обезбедат околу 200 милиони евра што е доволно за минимална плата од 600 евра и субвенционирање на придонесите за компаниите. Но, оваа влада нема волја да се откаже од луксузот“, порача Филипче.


