Македонската олимпијка Ана Цветановска го заокружи својот настап во трката на 10 километри на Зимските олимписки игри Милано-Кортина 2026, оставајќи впечаток дека резултатите се градат со трпение, работа и истрајност.
Иако во конечниот пласман се најде на 105-тото место, бројката не ја раскажува целата приказна. Вистинската вредност на денешниот настап се гледа во споредбата со нејзиниот олимписки настап во Пекинг 2022 година.
Во Пекинг таа заостана зад победничката за +11:51,40, додека во Милано тоа заостанување го намали на +08:43,20 што е подобрување од дури 3 минути и 8 секунди. Во нордиското скијање, дисциплина во која секоја секунда е резултат на максимален физички и психолошки напор, ваков напредок претставува сериозен исчекор напред.
Цветановска уште еднаш покажа дека континуитетот и посветеноста носат резултати, дури и во услови кога поддршката и инфраструктурата за зимските спортови се ограничени. Со борбен настап и достоинствен финиш, таа потврди дека македонското знаме со право се наоѓа на најголемата светска спортска сцена.