БОЖИНОВСКА НА СЕРИЈА ЗНАЧАЈНИ СРЕДБИ – Меѓународната соработка во енергетиката и рударството

Промоција на Македонија како инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја

БОЖИНОВСКА НА СЕРИЈА ЗНАЧАЈНИ СРЕДБИ – Меѓународната соработка во енергетиката и рударството
Фото: Принтскрин

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.

На средбата со амбасадорот на Кралството Шведска во Северна Македонија, Ола Солстром, се разговараше за интензивирање на билатералната соработка во рударството. Акцентот беше ставен на размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, дискутирани беа можности за развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.

Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, на која се разговараше за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија и зајакнување на енергетската ефикасност. Двете страни истакнаа важност од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија.

Покрај тоа, министерката се сретна и со претставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group, каде што беше разгледана организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана за учество на Божиновска. На средбата се дискутираа и инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.

Божиновска ја нагласи важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.

CATEGORIES
Share This