ДЗР ОТКРИ СЕРИОЗНИ СЛАБОСТИ ВО ДРЖАВНИОТ АРХИВ – Препораки за надминување на проблемите

Недостатоци во заштитата на архивскиот материјал со неисполнување на основните услови за депоата и заштита од неовластен пристап.

ДЗР ОТКРИ СЕРИОЗНИ СЛАБОСТИ ВО ДРЖАВНИОТ АРХИВ – Препораки за надминување на проблемите
Фото: Национал

Државниот завод за ревизија (ДЗР) во својот ревизорски извештај за Државниот архив на Република Северна Македонија утврди низа слабости во финансиското работење и управувањето со архивскиот материјал.

Во извештајот објавен денеска, ДЗР изразува неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи на Архивот, како и за усогласеноста со законската регулатива, упатствата и воспоставените политики.

Ревизијата открила слабости во пописот на побарувањата и обврските, неправилности во остварувањето на приходите, вклучително давање попусти и подароци, исплата на надоместоци без законска основа, плаќање данок на додадена вредност за услуги поврзани со основната дејност, недостатоци во спроведувањето и реализацијата на јавните набавки, неисполнување на условите за заштита на архивскиот материјал и од неовластен пристап, неажурно и нецелосно евидентирање на движењето на залихите на публикуваните изданија.

ДЗР наведува дека за надминување на утврдените состојби се дале конкретни препораки за преземање мерки од надлежните лица и органи.

Истовремено, ревизијата потсетува дека претходни проверки, вклучително ревизиите од 2016 и 2018 година, исто така откривале неповолни состојби, од кои дел од препораките биле спроведени, а дел останале нерешени.

Одговорните лица на Архивот доставиле забелешки на Нацрт-извештајот за ревизијата, но ДЗР нагласува дека дел од нив не се прифаќаат поради недостиг на нови докази, додека дел се известување за причините и мерките што ќе се преземат, вклучително донесувањето на новиот Закон за архивски материјал и архивска дејност.

CATEGORIES
Share This