161.000 МАКЕДОНЦИ ВО ГЕРМАНИЈА – Има веќе и милионери
Македонската заедница зазема 22-то место по бројност меѓу странците во Германија а во овие податоци не се вклучени македонските граѓани со бугарски пасош.

Германија долго време е една од главните дестинации за граѓаните на Македонија кои бараат подобри услови за живот и работа. Според најновите податоци од Централниот регистар на странци, во Германија живеат 161.044 македонски граѓани, што ја става Македонија меѓу 25-те земји со најголема дијаспора во оваа европска држава.
Во земја со над 14 милиони странци, македонските граѓани се на 22-то место по бројност. Овие податоци ја потврдуваат големата миграција од Македонија, но и стабилното присуство на македонската заедница на германскиот пазар на трудот. Во овие бројки не се вклучени македонските граѓани кои се преселиле во Германија со бугарски пасоши.
Радува тоа што сè повеќе Македонци во Германија градат успешни компании во градежништво, ИТ, транспорт и угостителство. Многумина започнале како мајстори, електричари или возачи, а денес управуваат со фирми вредни милиони евра.
Во ИТ-секторот успехот е најбрз и програмери и инженери отвораат стартапи со седумцифрени приходи. Во транспортот, флоти со десетици возила го движат бизнисот низ цела Европа, особено со растот на е-трговијата.
Клучот за успех? Комбинација од германска деловна дисциплина, пристап до капитал и упорна работна етика.
Сè повеќе македонски претприемачи во Германија веќе инвестираат и во родната земја во недвижности, туризам и нови компании.
Инаку, што се однесува до другите балканските земји, традиционално имаат силно присуство во Германија. Македонците се дел од поширокиот бран миграција на работна сила заедно со граѓаните од Бугарија, Хрватска, Србија, Косово, Босна и Херцеговина и Грција.
Бројот на граѓани од регионалните земји што живеат во Германија: Бугарија – 422.787, Хрватска – 414.555, Грција – 347.486, Косово – 322.571, Србија – 262.479, Босна и Херцеговина- 246.724 иселеници.
Турците остануваат најголема група со околу 1,52 милиони жители, но нивната доминација е загрозена. Поради војната во Украина од февруари 2022 година, бројот на Украинци во Германија драматично се зголеми и сега изнесува над 1,4 милиони, што ги прави втора по големина странска заедница. За споредба, во крајот на 2020 година во Германија живееле само околу 135.000 Украинци.
Вкупно, во Германија живеат 14.077.867 странци, или 16,8% од населението. Ако се вклучат и луѓето со мигрантско потекло и деца на странци родени во Германија, натурализирани лица и неодамнешни имигранти тогаш бројката се зголемува на 25,2 милиони, што е над 30% од населението.


