ЛАВРОВ СО ОСТРА ПОРАКА – Западните сојузи НАТО, ЕУ и ОБСЕ се дел од минатото
Рускиот министер за надворешни работи во интервју за ТВ БРИКС оцени дека западните институции ја губат својата улога

Во интервју за меѓународната телевизиска мрежа БРИКС, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека НАТО, Европската Унија и Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) ја губат својата релевантност и стануваат застарени.
Според Лавров, овие организации не успеале да ги исполнат своите основни принципи и ветувања, при што посебно го посочи НАТО и, како што рече, неисполнетите уверувања дадени на Советскиот Сојуз дека алијансата нема да се шири кон исток.
„Сите овие структури – НАТО, Европската Унија, а особено ОБСЕ во својата сегашна форма стануваат застарени“- нагласи рускиот шеф на дипломатијата.
Во исто време, Лавров истакна дека иницијативата за воспоставување евроазиска и континентална безбедност, која рускиот претседател Владимир Путин ја формулираше во 2024 година, добива сè поголема поддршка и динамика на меѓународната сцена.


