СКАНДАЛОЗНИ ПРИЗНАНИЈА НА ОБВИНИТЕЛКАТА ЛЕЈЛА КАДРИУ – Еве како работеше СЈО и Катица Јанева под целосна контрола на Заев
СЈО функционираше без контрола и со политички интервенции, незаконски наредби и финансиски хаос

Поранешната обвинителка во Специјалното јавно обвинителство (СЈО), Лејла Кадриу, во јавни настапи изнесе сериозни обвинувања за начинот на функционирање на оваа институција во периодот кога со неа раководеше Катица Јанева. Според Кадриу, СЈО работело под директно политичко влијание, со незаконски постапки и сериозни пропусти во финансиското работење, а неговото постоење, како што тврди, немало уставен основ.
Кадриу наведува дека СЈО го напуштила по само два до три месеци ангажман, откако Јанева ѝ соопштила дека „не е тимски кадар“. Како причина за разидувањето, таа посочува дека одбила да постапува по предмети засновани на прислушувани разговори за кои, според неа, немало формален прием, записници и попис, што го доведувало во прашање нивниот легалитет.
Во делот за финансиското работење, Кадриу тврди дека Јанева пред вработените изјавувала:
„Јас сум сега жена од милион долари“.
Таа алудирала на вишок од околу еден милион евра во буџетот на СЈО. Според нејзините тврдења, се барал начин тие средства да се потрошат или распределат, со цел да не се вратат во државниот буџет.
Кадриу наведува дека во тој период СЈО немало овластен финансиски или сметководствен експерт, а со финансиските прашања се занимавала заменичката на Јанева, Елизабета Јосифовска, која, според Кадриу, изјавувала дека „се разбира во финансии затоа што мајка ѝ ја учела“.
Поранешната обвинителка тврди дека била сведок на директни политички интервенции, при што високи функционери на СДСМ, меѓу кои Радмила Шекеринска, Оливер Спасовски и Зоран Заев, доаѓале во просториите на СЈО и одржувале средби со обвинители, давајќи насоки кој обвинител на кој предмет треба да работи. Според неа, на тие средби присуствувале и обвинители од СЈО, меѓу кои Гаврил Бубевски и Ленче Ристоска.
Кадриу тврди дека фактичкото водење на СЈО било во рацете на Гаврил Бубевски, додека Катица Јанева, според неа, била избрана поради јавна популарност, а не поради обвинителско искуство и капацитет.
Во еден од најсериозните наводи, Кадриу раскажува дека во нејзината канцеларија влегол советник на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој, според неа, знаел детали за предметот на кој таа работела и ѝ давал конкретни насоки како да го прошири обвинението.
„Ти си советник на политички поставена личност и доаѓаш кај мене, јавен обвинител под заклетва, да ми кажуваш што да правам. Надвор да те нема“, тврди Кадриу дека му рекла, по што го избркала од канцеларијата.
Според неа, истиот советник вршел притисок и врз други обвинители, кои, како што вели, молчеле.
Кадриу оценува дека работењето на СЈО било „лов на вештерки“, при што материјалите биле доставувани без записници, а паралелно се вршел притисок врз судиите да ги прифатат како доказ и да постапуваат согласно очекувањата на обвинителството.
„Тоа не беше обвинителско и професионално однесување, туку каубојско однесување“, вели таа.
По овие настани, според Кадриу, Јанева ѝ соопштила дека повеќе не е дел од тимот и дека треба да ја напушти канцеларијата, иако, како што нагласува, изборот и разрешувањето на обвинител во СЈО е исклучива надлежност на Советот на јавни обвинители.
Кадриу зборува и за, како што тврди, таргетирањето на поранешниот претседател на Кривичниот суд, Владимир Панчевски. Според неа, СЈО му монтирало предмети затоа што одбивал да дозволи незаконско постапување, односно да се определуваат судии и да се изнесуваат судски акти надвор од судот спротивно на законот.
Таа тврди дека, откако не можеле да му најдат незаконско постапување, му бил монтиран предмет поврзан со АКМИС-системот, иако, како што вели, на ист начин работеле и други претседатели на судови.
„Му измислија дело и со монтиран судски процес го испратија во затвор еден од најеминентните правници во Македонија“, тврди Кадриу.
Таа додава дека во тој период довербата во судството била над 50 проценти, за разлика од денешниот рејтинг од околу 2 проценти.


