БИТКОИНТОТ ДРАСТИЧНО ПАЃА – Најниска вредност од октомври 2024 година
Ценовните осцилации продолжуваа, биткоинот падна од 124.000 на 63.000 долари

Најпознатата криптовалута во светот, биткоинот, во последните месеци бележи необично однесување, пишува CNN. Неговата вредност падна под 63.000 долари, што е најниско ниво од октомври 2024 година, значително пониско од рекордните 124.000 долари.
Ценовните осцилации се вообичаени за крипто пазарот, кој традиционално е нестабилен, но овој пад е изненадувачки затоа што доаѓа во период кога се очекуваше раст.
Долго време, застапниците на криптовалутите тврдат дека биткоинот е „дигитално злато“ и безбедно засолниште за капитал. Но, актуелната геополитичка и економска ситуација ја доведува оваа теорија во прашање. Растечките меѓународни тензии и нестабилноста на берзите предизвикани од развојот на вештачката интелигенција создадоа страв кај инвеститорите.
Индикаторите го потврдуваат тоа: индексот на страв и алчност на CNN е во зона на „страв“, а индексот на волатилност VIX достигна највисоко ниво од ноември.
За разлика од биткоинот, цената на златото расте и неодамна надмина 5.500 долари за унца, што ја потврдува неговата улога како безбедно засолниште.
Од почетокот на годината, биткоинот загуби околу 20% од вредноста, и покрај глобалните ризици кои теоретски требаше да го поттикнат неговиот раст. Инвеститорот Мајкл Бери смета дека дел од падот на златото и среброто може да се должи на инвеститори кои ги продаваат за да ги покријат загубите на крипто пазарот.
По изборната победа на Доналд Трамп во ноември 2024 година, криптовалутите забележаа силен раст поради очекувања за поблага регулација. Но, ентузијазмот брзо се намали. Аналитичарите предупредуваат дека биткоинот сега се однесува како ризична актива, а не како заштита од кризи.
Додека златото порасна за околу 24% од октомври, биткоинот загуби околу 44% од вредноста. Дополнителна неизвесност донесе изјавата на американскиот секретар за финансии, Скот Бесент, дека Министерството за финансии нема овластување да интервенира за стабилизирање на крипто пазарот.
Дел од инвеститорите остануваат оптимисти, бидејќи биткоинот во минатото покажал цикличност: колапсот на Mt. Gox во 2014, падот од 2018 по пукањето на крипто-балонот, и кризите во 2021 и 2022 поврзани со регулаторни притисоци и FTX. Во повеќето случаи закрепнувањето се случувало во рок од околу година и пол.
Дали историјата ќе се повтори и овојпат, засега останува отворено прашање.


