ЦРНО СЕМЕ НА СЦЕНАТА НА МНТ – Народниот театар Битола гостува во Скопје

Сценска адаптација на романот на Ташко Георгиевски ќе ги отвори темите за страдањето, истрајноста и идентитетот на Македонците од Егејска Македонија

ЦРНО СЕМЕ НА СЦЕНАТА НА МНТ – Народниот театар Битола гостува во Скопје
Фото: Принтскрин

Народниот театар Битола со претставата „Црно семе“ ќе гостува на сцената на Македонскиот народен театар на 20 февруари, со почеток во 20 часот. Станува збор за сценска адаптација на антологискиот роман на Ташко Георгиевски, во режија на Андреј Цветановски.

„Црно семе“ е силна и длабоко емотивна театарска приказна што отвора едно од најболните поглавја во македонската колективна меморија и судбината и голготата на Македонците од Егејска Македонија по Втората светска војна. Преку личните драми на ликовите, претставата проговорува за страдањето, истрајноста, идентитетот и човечкото достоинство, но и за неопходноста овие приказни да останат живи и пренесени на идните генерации.

Драматизацијата е на Јелена Цветановска, сценографијата ја потпишува Сергеј Светозарев, костимографијата е дело на Благој Мицевски, сценските движења се на Дамјан Цветановски, а музиката е компонирана од Димитар Андоновски.

Во претставата настапуваат: Мартин Мирчевски, Огнен Дранговски, Васко Мавровски, Никола Стефанов, Петар Спировски, Никола Пројчевски, Хари Михајловски, Александар Стефановски, Петар Горко, Борче Ѓаковски, Живко Борисовски, Марија Цветановска, Александар Димитровски, Александар Копања, Давид Балтовски, Филип Стефановски, Виктор Крстевски и Александар Ѓоргиевски.

„Ако ние не ги раскажуваме нашите приказни, никој друг нема да го стори тоа. Затоа мора да се сеќаваме на имињата и судбините на нашите луѓе“, истакнува режисерот Андреј Цветановски.

Тој потенцира дека улогата на театарот е како чувар на историската и човечката вистина.

Билетите за изведбата се веќе во продажба и можат да се набават онлајн, како и на билетарницата во Македонскиот народен театар.

CATEGORIES
Share This