ШОК ЗА ФУДБАЛСКИОТ СВЕТ – Меси сака да се врати таму каде што стана бесмртен
Иако настапува за Интер Мајами, аргентинската ѕвезда размислува за враќање на „Камп Ноу“ во засега нејасна улога.

Лионел Меси без сомнеж е најголемиот фудбалер на сите времиња и икона на светскиот фудбал и симбол на Барселона. Токму затоа, секој негов чекор привлекува огромно внимание, не само во спортската јавност, туку и пошироко.
Најновата „бомба“ што доаѓа од Шпанија е информацијата дека Меси сериозно размислува за враќање во Барселона. Иако во моментов настапува за Интер Мајами во Соединетите Американски Држави, неговата врска со каталонскиот гигант очигледно никогаш не била прекината. Камп Ноу останува местото каде што Меси се чувствува како дома и каде што, според сите наводи, сака повторно да се појави.
Сè уште, сепак, не е јасно во каква улога би се реализирало тоа враќање. Опциите се различни од евентуален краток играчки ангажман, преку симболична сезона за проштален настап, па сè до преземање функција во рамките на клубот.
Шпанските медиуми наведуваат дека одлуката на Меси е лична и донесена со целосна свесност. Неговата желба е да го затвори кругот токму таму каде што сè започна. Барселона е клубот во кој тој израсна и се изгради во еден од најдоминантните фудбалери во историјата. Повеќе од две децении го носеше дресот на каталонците, освојувајќи бројни титули, уривајќи рекорди и собирајќи индивидуални признанија.
Заминувањето од клубот во 2021 година беше болно и за навивачите и за самиот Меси, кој во повеќе наврати истакна дека тоа не било збогувањето кое го посакувал. Токму затоа, идејата за враќање има силна емотивна тежина и желба за достоинствено простување, какво што му прилега на една клупска легенда.
Според весникот „Марка“, раководството на Барселона е запознаено со намерите на Меси и е отворено за разговори, иако целата ситуација е сложена поради финансиските и организациските предизвици со кои клубот се соочува.
Засега, останува да се почека разврската и конечниот став на клубот. Но едно е сигурно и враќањето на Лионел Меси во Барселона, во која било форма, би било еден од најемотивните и најголеми моменти во поновата историја на клубот.
Навивачите можат само да се надеваат дека легендата ќе се врати таму каде што стана бесмртен, дома, во Барселона.
