МИЦКОСКИ НАЈАВИ МЕКА ТРАНЗИЦИЈА – ВМРО-ДПМНЕ со нов модел на раководење

Мицкоски најави кадровско освежување и ново раководство во 2029 година

МИЦКОСКИ НАЈАВИ МЕКА ТРАНЗИЦИЈА – ВМРО-ДПМНЕ со нов модел на раководење
Фото: Национал

Функцијата потпретседател во ВМРО-ДПМНЕ се укинува, а сите актуелни потпретседатели ќе бидат предложени за членови на Извршниот комитет (ИК). Ова го соопшти премиерот и лидер на партијата, Христијан Мицкоски, во гостување на МРТВ.

Тој најави дека на утрешната седница на Централниот комитет ќе биде распишан повик за избор на нови претседатели на Унијата на ветерани, Унијата на жени и Унијата на млади, како дел од пошироко кадровско освежување во партијата.

Мицкоски потврди дека во 2029 година ВМРО-ДПМНЕ ќе добие ново раководство и дека тој нема повторно да се кандидира за претседател. До следниот конгрес партијата ќе функционира без потпретседатели, односно само со генерален секретар.

Се очекува новиот Извршен комитет да брои вкупно 29 членови, а Централниот комитет в петок, на предлог на Мицкоски, ќе го избере новиот состав на ИК и раководството на партијата.

Како најсериозни кандидати за нов генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ се споменуваат директорот на СОЗР Ивица Томовски, пратеникот Драган Ковачки и актуелниот генерален секретар и пратеник Ѓорѓија Сајкоски. Според партиски извори, Томовски има поддршка како силен теренец, додека за Сајкоски се истакнува неговата улога во изборната организација и победата на локалните избори во Кичево.

Во новиот Извршен комитет, според најавите, ќе останат досегашните потпретседатели Александар Николовски, Гордана Димитриевска-Кочовска, Тимчо Муцунски и Владо Мисајловски, како и Антонијо Милошоски, Никола Мицевски и Луке Галески. Промени се најавуваат и во раководствата на Унијата на млади сили и Унијата на жени.

Мицкоски претходно објасни дека укинувањето на потпретседателските функции е со цел да се избегне фаворизација при идниот избор на нов лидер и дека станува збор за „мека транзиција“ и освежување со нова енергија во партиските структури. Комплетното преструктуирање се очекува да заврши до крајот на март.

CATEGORIES
Share This