ПО КОЈ ЗНАЕ КОЈ ПАТ – Најава за комплетно ресетирање на судството

Судството мора да биде и независно и ефикасно

ПО КОЈ ЗНАЕ КОЈ ПАТ – Најава за комплетно ресетирање на судството
Фото: Принтскрин

Евроамбасадорот Михалис Рокас истакна дека независноста и ефикасноста на судството не се одделни патеки, туку се меѓусебно поврзани, и дека граѓаните очекуваат и двете. Тој додаде дека успешното спроведување на реформите во правосудството е невозможно без адекватен буџет.

„Ефикасноста на судството не може да се постигне без адекватни и предвидливи извори. Буџетот за 2025 година повторно не обезбеди доволно средства за судскиот сектор. Само 0,3 проценти од БДП беа алоцирани, што е под потребните 0,8 проценти. Недоволната финансиска поддршка ја слабее институционалната независност и го ограничува капацитетот за навремена правда“, изјави Рокас.

Министерот за правда, Игор Филков, истакна дека во изминатиот период се подготвени околу 30 закони со кои се спроведуваат системските реформи во правосудството. Тој најави дека со овие закони ќе се овозможи модернизација на инфраструктурата, пополнување на слободни работни места и дигитализација на судството.

„Реформите треба да обезбедат модернизација, институционален интегритет, зголемување на довербата на јавноста преку транспарентност, етички стандарди и подобрена комуникација. Подготвени се и други закони и стратешки документи кои се дел од реформската агенда за комплетно ресетирање на правосудниот систем“, рече Филков.

Претседателот на Врховниот суд, Африм Фидани, нагласи дека судиите не биле консултирани при носењето на законите и дека нивното мислење треба да се зема предвид во иднина. Тој додаде дека независноста подразбира и финансиска независност, а преоптоварени судии не можат да обезбедат квалитетна правда.

Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, потсети дека во поголемиот број европски држави судската власт сама го планира вработувањето без да чека согласност од Владата.

CATEGORIES
Share This